Вчера (28.12.), во организација на Регионалниот центар за гранични работи Југ, на граничните премини Стар Дојран, Богородица и Меџитлија беа реализирани превентивни активности на тема „Стоп на пиротехниката преку државната граница“.
Во рамки на активностите, на влез и излез од државата беа поделени флаери со информативна содржина, со кои граѓаните беа информирани дека пренесувањето петарди, распрскувачки материи и други пиротехнички средства преку државната граница без соодветна дозвола е строго забрането и претставува сериозно нарушување на безбедносните прописи.
Исто така, беше укажано на можните последици од употребата на пиротехнички средства, особено загрозувањето на здравјето и безбедноста на граѓаните, како и ризиците по јавниот ред и мир.
Целта на овие превентивни активности е подигање на свеста кај граѓаните за опасностите од користењето пиротехнички средства за време на новогодишните празници, како и потсетување на законската забрана за нивно пренесување преку државната граница.