На 22.12.2025 на подрачјето на Полициската станица Чаир, во близина на пазар во Бутел и денеска (23.12.2025) на подрачјето на Полициската станица Карпош, Одделението за превенција при СВР Скопје реализираше превентивни активност под мотото „Пиротехника - забавна за момент, кобна за цел живот“
Превентивните активности беа насочени кон информирање и едукација на граѓаните за последиците од употреба на пиротехнички средства, а целта е подигање на безбедносната свест и свеста за самозаштита - почитување на стандардите за општествено прифатливо однесување, зајакнување на довербата и соработката меѓу локалното население и полицијата, како и изнаоѓање на нови пристапи за справување со вакви облици на криминалитет.
На минувачите им беа поделени едукативни материјали и притоа им беше посочено дека петардите предизвикуваат стрес и интензивно чувство на вознемиреност, како кај луѓето, така и кај животните, и факт е дека огромен број на луѓе во светот секоја година остануваат инвалиди поради употреба на петарди, а од нив поголем дел се деца.
Паралелно на овие активности, во СУГС Раде Јовчевски - Корчагин, лекари од Универзитетска клиника за пластична и корективна хирургија, одржаа работилници под мотото „Создавај спомени без повреди – кажи НЕ на пиротехнички средства!”. Слични работилници беа одржани во основното училиште „Ацо Шопов“ во Радишани, основното училиште „Братство“, средното училиште „Владо Тасевски“, како и во основното училиште „Браќа Рамиз и Хамид“ во Шуто Оризари.
Денеска (23.12.2026), во рамките на заедничките превентивно - едукативни активности на МВР, Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија од Скопје и Црвен Крст Тетово и Гостивар, во три тетовски основни училишта ООУ ,,Андреа Савески Ќиќиш“, ,,Наим Фрашери“ и,,Истикбал“, како и во средно општинско училиште ,,Гимназија“ и Средно општинско медицинско училиште, беа одржани стручни предавања и презентации на кои беше нагласен ризикот од употреба на пиротехнички средства по здравјето на учениците, пред се од повреди на рацете, очите и другите екстремитети, додека екипите од Црвен крст симулираа практични вежби при давање на прва помош при случаи за настанување на повреди при употреба на пиротехнички средства. Покрај ова, од страна на полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Тетово, учениците биле информирани и со законските импликации од набавување, продажба и од активирање на петарди и други пиротехнички средства на јавни места, на улица, во дворови пред објекти, во влезови на станбени згради или училишта и слично, кое покрај прекршочно може да се санкционира и кривично, зависно од околностите и крајните последици.