Денеска (20.01.2026) во Велес, полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес реализираа превентивно- едукативна активност за заштита од кражби. Полициските службеници, во непосредна комуникација и со делење на едукативен материјал, споделија корисни совети со граѓаните за тоа како да се заштитат од вакви кривични дела. Во текот на вчерашниот ден пак, во Струмица, полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Струмица и Полициската станица Струмица, реализираа превентивна активност во рамки на кампањата „МВР за граѓаните“.
Полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје во соработка со РСБСП, на подрачјето на ПО Сарај– наплатна рампа „Глумово“ во рамки на превентивната активност под мотото „Користи зимска опрема“, на возачите низ директна комуникација и делење на едукативни летоци им ја потенцираа потребата од почитување на сообраќајните правила и прописи, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот, особено во делот на користење на зимската опрема, обврска која важи во периодот од 15 ноември 2025 година до 15 март 2026 година. На возачите им беше укажано и на санкциите кои се предвидени за непочитување на законите.
На територија на СВР Штип, во Делчево и Штип, беа реализирани превентивни активности „Не користи мобилен телефон додека возиш“ и „Паркирај совесно“. На граѓаните им беа посочени штетните последици што може да настанат доколку се користи мобилен телефон додека се управува возило, како и доколку непрописно се паркираат возилата.