Денеска (27.11.2025) во просториите на Полициската канцеларија Градско, во организација на Отсекот за превенција при СВР Велес, беше реализирана превентивно едукативна активност за децата од градинката „Димче Мирчев“ во Градско, при што тие беа запознаени со важноста на професијата полициски службеник, како и со работата на сообраќајната полиција и сообраќајните правила за малите пешаци, а имаа можност да видат и дел од техничките средства, опремата и возилата што полициските службеници ги користат во секојдневното полициско постапување. Во рамки на активноста, децата добија сообраќајни боенки, изработени во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност Скопје.
Исто така, и за учениците од ООУ „Даме Груев“ во Градско беше одржано едукативно предавање на темите „Булинг“, „Сајбер насилство“, „Внимателност при користење на социјални мрежи“ и „Тик ток предизвици“, на кое полициските службеници ги запознаа учениците со овие појави и со опасностите што истите ги носат.
Денеска и на подрачјето на СВР Штип, односно во Пробиштип од страна на полициски службеници од ПС Пробиштип за учениците од осмо и девето одделение од ООУ „Браќа Миладиновци” беше реализирана едукативна работилница на темата „Меѓуврсничко насилство”. Основната цел на едукативните предавања беше информирање и запознавање на учениците како да се детектираат, односно препознаат ваквите девијантни појави и да се подигне свеста и безбедносната култура во насока на благовремена превенција и заштита.
Инаку во Пробиштип, Берово и Делчево од страна на полициски службеници од организациони единици при СВР Штип, денеска беа реализирани и превентивни активности од областа на безбедноста во сообраќајот на повеќе теми – пред се околу правилното паркирање, користењето на технички исправно возило во сообраќајот, како и околу почитување на правилата за возење при зимски услови. Во рамки на тие активности на возачите им беа делени едукативни печатени материјали, изработени во соработка со РСБСП.