Денеска (26.11.2025) во Кочани полициски службеници од ПС за БПС Кочани спроведоа превентивна активност посветена на сообраќајната безбедност, под мотото „Не користи мобилен додека возиш”, а во Виница полициски службеници од ПС Виница реализираа превентивна активност под мотото „Сите сме пешаци“, при што на возачите и на пешаците им беа делени и едукативни материјали изработени во соработка со РСБСП. Покрај ова на подрачјето на СВР Штип, поточно во Берово, беше реализирана превентивна активност од областа на заштита од пожари.
Во текот на вчерашниот ден од страна на полициски службеници од ОВР Македонски Брод во основното училиште „Кемал Ататурк“ во село Пласница, како и во детската градинка „7 Септември“ во Македонски Брод беа спроведени едукативни предавања соодветно на возраста на децата од областа на сообраќајната безбедност, како и за спречување на врсничкото насилство.
Во рамки пак на своите превентивни активности, вчера СВР Тетово започна со имплементација на новиот едукативен проект „Безбедност во училиштата и меѓуетничка толеранција“, чиј носител е Отсекот за превенција во соработка со Одделението за полиција - полициските станици, а ќе се спроведува во сите средни училишта на подрачјето на СВР Тетово. Вчера беа опфатени дел од средните училишта во општините Гостивар и Врапчиште, а до крајот на декември е планирано да биде спроведен во сите средни училишта во СВР Тетово.