Денеска (25.11.2025) на подрачјето на СВР Штип беа реализирани повеќе превентивни активности од областа на безбедноста во сообраќајот. Од страна на полициски службеници од ПС Свети Николе во ООУ „Кирил и Методи” во Свети Николе беше реализирано предавање на кое учениците беа запознаени со основните сообраќајни правила и прописи, односно како да се однесуваат кога се учесници во сообраќајот, и како пешаци, но особено кога возат велосипеди. Исто така, на повеќе локации во и околу Свети Николе спроведоа превентивни активности на тема „Возете безбедно – со технички исправно возило“. Полициските службеници од ПС Пробиштип и ПС Берово пак во Пробиштип и Берово спроведоа превентивни активности „Не управувај патничко моторно возило под дејство на алкохол” и „Стави појас“, при што на граѓаните им беа поделени и летоци со едукативна содржина.
Полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес пак, на улица „Алексо Демниевски-Бауман“ во Велес, реализираа теренска настава со децата од детската градинка „Димче Мирчев“ од Велес на тема „Не заборавајте сите сме пешаци“. Децата, како најмали учесници во сообраќајот, се запознаа со важноста и значењето на нивното безбедно движење, во случаи кога се пешаци или пак возачи на велосипеди или тротинети.
Исто така денеска, полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје и ПС Ѓорче Петров во Скопје спроведоа превентивни активности на темите „Телефонски измами“, ,,Секој може да биде жртва" и ,,Не оставајте вредни предмети во вашиот автомобил", при што покрај директната комуникација со граѓаните на овие теми, им беше поделен и едукативен материјал.