Денеска (23.02.2026) полициски службеници од Отсекот за превенција и Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај при СВР Велес, на неколку локации во Велес реализираа превентивни активности со цел подигнување на степенот на сообраќајна култура, а посебен акцент беше ставен на потребата за свесност кај возачите да не управуваат возила под дејство на алкохол. Имено, алкохолот сериозно ги намалува возачките вештини, ги нарушува психомоторните способности и претставува сериозна закана по нивната и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот. Исто така, полициски службеници од ОВР Неготино и ОВР Кавадарци, спроведоа превентивно- едукативни активности за заштита од кражби, во рамки на кои полициските службеници ги советуваа граѓаните како да се заштитат од различни форми на имотни деликти. Во рамки на превентивните активности беше поделен и печатен едукативен материјал.
Од страна на полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Штип во Штип беше реализирана превентивна активност „Стави појас“. На граѓаните им беше потенцирана обврската за задолжително користење на заштитен појас во возилата, затоа што тоа во голема мерка може да го намали степенот на повреди при евентуална сообраќајна несреќа. Во Пробиштип пак, полициски службеници од ОВР Пробиштип реализираа превентивни активности под мотото „Паркирај совесно, паркирај одговорно“ и „Сите сме пешаци“.
Неправилното паркирање ја загрозува безбедноста на другите учесници во сообраќајот, особено пешаците и велосипедистите, а граѓаните беа информирани за потребата од почитување на сообраќајните правила и прописи со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот.