Денеска (29.12.2025) полициски службеници од СВР Тетово, СВР Велес и СВР Штип реализираа превентивни активности за безбеден сообраќај, со посебен нагласок на тоа да не се вози под дејство на алкохол. На граѓаните низ директна комуникација, но и со делење на едукативни летоци им беше потенцирано дека алкохолот е една од главните причини за предизвикување сообраќајни несреќи во овој период и дека не смеат да пијат алкохол ако управуваат моторно возило, како клучен фактор за безбедно пристигнување на посакуваната дестинација. Вакви активности спроведоа полициски службеници од ОВР Неготино со учениците од трета и четврта година во ОСУ „Св.Кирил и Методиј“ во Неготино, полициски службеници од ОВР Кавадарци на подрачјето на Кавадарци, полициски службеници од ПС БПС Штип на територија на Штип, како и полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Тетово и ОВР Гостивар во централното градско подрачје на Гостивар, каде во координација со екипа од Итната медицинска помош беше реализирана и симулациска вежба за граѓаните да видат какви последици може да има непочитувањето на правилата во сообраќајот.
На територија на СВР Штип беа спроведени и превентивни активности за спречување на употреба на пиротехнички средства. Полициски службеници од ПС Виница и ПС Свети Николе одржаа едукативни предавања во основните училишта „Славчо Стојменски“ и „Гоце Делчев“ во Виница, како и „Кирил и Методиј“ во Свети Николе. На децата им беше укажано за штетните последици кои може да ги предизвика употребата на пиротехнички средства, како и за казнените одредби што предвидуваат санкционирање на оние кои нелегално продаваат, набавуваат или употребуваат пиротехнички средства.