Денеска (05.12.2025) полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Струмица и РЦ Исток– ПС за ГП и ГН Ново Село реализираа едукативни предавање во ООУ „Мануш Турновски“ во Ново Село, струмичко на тема „Безбедност на малите пешаци“, како и за штетните последици од употребата на пиротехнички средства и законските одредби кои предвидуваат санкционирање на оние кои употребуваат, набавуваат и продаваат пиротехнички средства. На подрачје на Валандово, полициски службеници реализираа превентивна активност во која возачите ги потсетуваа за законската одредба за задолжително носење на зимска опрема во возилата.
Секторот за внатрешни работи Тетово, пак, во гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово, започна со имплементирање на проектот „Безбедност во училиштата и меѓуетничката толеранција“, со кој ќе бидат опфатени сите ученици од прва година во сите средни училишта кои гравитираат во тетовското и гостиварското подрачје, при што полициски службеници од ПС Тетово и ПС Гостивар работат со учениците со цел превенирање на појавите на нарушување на јавниот ред и мир и други криминогени појави.
На територија на СВР Штип пак, беа спроведени низа превентивни активности со цел да им се укаже на граѓаните за штетните последици што можат да настанат од употребата на петарди и други пиротехнички средства, како и за законските одредби со кои се санкционира употребата на пиротехнички средства и нивната нелегална продажба. На граѓаните, исто така, им беа давани совети и како да ги заштитат своите домови и возила од кражби.
Во Кочани, Штип, Берово и Делчево беа реализирани активности за подобрување на безбедноста во сообраќајот, а во Пробиштип за спречување на нелегалната сеча на дрва. Во ОУ „Славчо Стоименски“ во Виница и ОУ „Кирил и Методиј“ во Македонска Каменица, полициските службеници одржаа едукативни предавање за спречување на меѓуврсничкото насилство. Основната цел на едукативните предавања беше информирање и запознавање на учениците како да се детектира, односно препознае ваквата девијантна појави и да се подигне свеста и безбедносната култура во насока на благовремена превенција.