Во текот на вчерашниот ден (17.02.2026) полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Тетово во ООУ „Лирија" во Тетово одржаa предавања на тема „Булинг и превенција на врсничко насилство“, со посебен осврт на сајбер насилството, при што учениците беа запознаени како да го препознаат и пријават ова девијантно однесување односно како да се превенира. На предавањата беа опфатени различните форми и аспекти на насилство меѓу врсниците, како и предизвиците од социјалните мрежи кои што имаат сериозни последици по здравјето на децата. Вакви предавања денеска беа реализирани и на територија на СВР Скопје, и тоа во ОУ „Ацо Шопов“, ОУ „Браќа Рамиз и Хамид“ и ОУ „Наим Фрашери“.
Во Скопје, на територија на ПС Карпош, денеска полициски службеници од ПС Карпош реализираа превентивна активност „Не оставајте вредни предмети во вашиот автомобил“. Полициските службеници во непосредна комуникација со граѓаните им укажуваа да не оставаат вредни предмети во паркираните автомобили, со цел да се превенираат можностите за тешки кражби од патнички моторни возила. Исто така, на граѓаните им беше укажувано за начините за превенција во тесна соработка со полицијата, а воедно им беа делени и едукативни печатени материјали, а им беше посочено и дека секој сомнителен случај треба да го пријават во полициска станица.
Полициски службеници од Отсекот за превенција на СВР Охрид пак од вчера почнаа нова превентивно-едукативна кампањи од областа на сообраќајот, што се реализира на целото подрачје на СВР Охрид. Целта е подигнување на безбедносната култура кај граѓаните-учесници во сообраќајот, јакнење на свеста за поголема внимателност и одговорно однесување во сообраќајот. На повеќе локации во Охрид, Струга, Кичево и Дебар, полициските службеници низ директна комуникација со граѓаните ги потстетија за потребата од доследно почитување на сообраќајните знаци и другата вертикална и хоризонтална сигнализација, а им беа поделени и едукативни летоци со корисни информации и препораки.
Полициски службеници од СВР Штип и Одделението за превенција при СВР Скопје денеска (18.02.2026) во Штип и Скопје спроведоа превентивни активност и за потсетување на возачите на обврската за задолжително носење на зимска опрема во возилата од 15.11.2025 до 15.03.2026. Во Берово и Делчево пак, акцентот на превентивните активности беше ставен на безбедноста на пешаците и на потребата за редовно сервисирање и проверка на техничката исправност на возилата.