На 16.02.2026 во Скопје, на подрачјето на Бит Пазар, Одделението за превенција при СВР Скопје во соработка со РСБСП реализираше сообраќајно-превентивни активности под мотото „Користете зимска опрема“. Во рамки на активностите, на возачите им беа поделени едукативни летоци, изработени од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, со пораки за одговорно управување на возилата во зимски услови и согласно позитивната законска регулатива. Исто така, во непосредни разговори на возачите им беше укажано на правилата кои треба да се почитуваат за безбедно управување со моторно возило, за задолжителното прилагодување на брзината кон условите на патот. На подрачјето на општина Аеродром, Одделението за превенција при СВР Скопје спроведе превентивна активност „Внимавај, телефонски измами“. Целта на активноста беше на повозрасните граѓани, кои се почеста мета на овој вид измами, да им се укаже како истите да ги препознаат и да не дозволат да бидат жртви. Најчест вид на измами се кога непознати лица ги доведуваат во заблуда дека членови на нивните семејства се жртви во сообраќајни несреќи, се претставуваат како полициски службеници, лекари, адвокати и им барат одредена сума на пари.
И полициските службеници од СВР Штип денеска (17.02.2026) спроведоа превентивни активности за безбеден сообраќај. Во Штип акцентот беше ставен на подигнување на свеста за важноста на техничката исправност на возилата и за значењето од редовна проверка и одржување на моторните возила. Во непосредна комуникација на возачите им беше укажано дека техничката неисправност често е фактор и за случување на сообраќајните незгоди односно многу влијае на безбедноста на учесниците во сообраќајот. Во Кочани пак, на возачите им беше укажано да не користат мобилен телефон додека управуваат возило, затоа што тоа може да има катастрофални последици.
Во Берово пак, полициските службеници од ПС Берово реализираа превентивна активност на тема: „Превенција од врсничко и сајбер насилство“ со учениците на ООУ „Дедо Иљо Малешевски“-Берово, при што учениците беа запознаени како да го препознаат и пријават ова девијантно однесување односно како да се превенира.