Денеска (05.02.2026) полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Струмица и Полициската станица Струмица реализираа едукативно предавање на тема „Безбедност на малите пешаци“, со учениците од ООУ „Видое Подгорец“ во село Колешино, струмичко. Од страна на полициските службеници преку презентација и едукативни материјали, учениците беа запознаени со основните сообраќајни правила кои им се неопходни за нивно безбедно учество во сообраќајот како пешаци или возачи на велосипед и тротинет. Вакви предавања во текот на вчерашниот ден беа реализирани и со ученици од прво до петто одделение во основните училишта во селата Мокрино и Мокриево, струмичко.
Денеска и полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Кочани во Кочани спроведоа превентивна активност од областа на сообраќајот, со акцент на потребата редовно да се сервисираат возилата и да се проверува нивната техничката исправност. Во Берово и Виница беа реализирани превентивно- едукативни активности за заштита од кражби и измами, при што полициските службеници ги информираа граѓаните како да се заштитат од различни видови и форми на кражби и измами. Во рамки на активностите беа поделени и печатени едукативни материјали.
На територија на СВР Скопје пак, полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје и полициски службеници од ПС Кисела Вода, ПС Ѓорче Петров и ПО Шуто Оризари реализираа едукативни работилници во три основни училишта на темите „Безбедност во училиштата“, „Превенција од насилство преку социјалните мрежи“ и „Превенција од трговија со луѓе“. Во рамки на едукативните работилници, полициските службеници ги информираа учениците за начините на препознавање, пријавување и спречување на овие појави. Основна цел на работилниците е подобрување на безбедноста на учениците и намалување на сите облици на насилство.