Денеска (13.01.2026), полициски службеници од СВР Штип на повеќе локации на територија на СВР Штип реализираа превентивни активности од областа на сообраќајот. Во Пробиштип, полициски службеници од ОВР Пробиштип во рамки на превентивните активности под мотото „Не користи мобилен телефон додека ја преминуваш улицата“ и „Управувај технички исправно возило“, на граѓаните низ директна комуникација и делење на едукативни летоци им ја потенцираа потребата од почитување на сообраќајните правила и прописи со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот, особено за потребата пешаците внимателно да ја преминуваат улицата, без користење на мобилни телефони, а возачите секогаш да управуваат технички исправно возило, односно да се вршат редовни проверки. На граѓаните им беше укажано и на санкциите кои се предвидени за непочитување на законите. На територија на Кочани и Виница пак, од страна на полициски службеници од ПС за БПС Кочани и Виница, реализирана беше превентивна активност со цел да им се укаже на граѓаните за штетните последици што може да настанат доколку управуваат возило под дејство на алкохол.
Од страна на полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Штип и ПСОН Штип пак, во просториите на ,,Здружението на пензионери” во Штип, беше реализирана превентивна активност со цел информирање на пензионерите како да се заштитат од имотни деликти, особено од измамници, чија мета најчесто се повозрасните граѓани. Преку непосредни разговори и делење на едукативен материјал, граѓаните беа информирани за најчестиот вид на измами со лажна сообраќајна незгода во која измамниците претставувајќи се на телефон како полициски службеници, адвокати, обвинители или лекари, од жртвата бараат одредена сума на пари.
Им беше укажано доколку добијат ваков телефонски повик, да го прекинат разговорот и веднаш случајот да го пријават во полициска станица или на телефонските броеви 112 или 192.