Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Превентивни активности на СВР Штип за безбеден сообраќај и за заштита од пожари

Превентивни активности на СВР Штип за безбеден сообраќај и за заштита од пожари

Полициски службеници од ПС за БПС Штип,  ОВР Свети Николе и ОВР Виница на подрачјата на Штип, Виница и Свети Николе, денеска (26.06.2025) спроведоа превентивни активности со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот. Во Штип активностите беа насочени кон безбедноста на пешаците, кои како активни учесници во сообраќајот имаат обврска да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и улиците да ги преминуваат на обележан пешачки премин, а при тоа да не користат слушалки и мобилни телефони и да бидат внимателни, особено во вечерните часови кога се движат на неосветлени локации. Со почитување на препораките, пешаците ќе ја зголемат како својата, така и безбедноста на сите останати учесници во сообраќајот. Во рамки на превентивната активност беа опфатени и возачите, на кои им беше укажана обврската за почитување на сообраќајните правила, клучните фактори за безбедноста на најранливата категорија на учесници во сообраќајот-пешаците и особено повозрасните лица, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот. На граѓаните им беа поделени и печатени едукативни материјали со препораки за безбедно учество во сообраќајот, изработени од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.


Во Виница активностите беа насочени кон зголемување на свеста за користење на сигурносниот појас, како од возачите, така и од сопатниците. Притоа, полициските службеници преку непосредна комуникација со граѓаните ја нагласија потребата, но и законската обврска за користење на сигурносниот појас. Во Свети Николе пак, превентивната активност беше насочена кон возачите на мотоцикли, на кои им беше укажано за потребата да носат кацига при управување на мотоциклите, со цел зголемување на нивната безбедност. Исто така, им беа посочени и законските одредби кои предвидуваат санкционирање на возачите кои при управување на мотоцикли не носат кацига.


Исто така, денеска (26.06.2025), полициски службеници од ПС Берово и ПК Пехчево во Берово и во с. Црник, во координација со Шумската полиција, спроведоа превентивни активности во рамки на кампањата за спречување на шумските пожари и бесправната сеча на дрва. Притоа, во рамки на активностите, во разговор со граѓаните беше потенцирано дека е потребна континуирана соработка со надлежните институции и задолжително пријавување на несовесно однесување, како фрлање и палење ѓубре, палење оган на отворен простор и во близина на шумски појаси, фрлање на отпушоци и слично, со цел брза и навремена реакција на институциите. Граѓаните беа информирани и за законските одредби и санкции за предизвикувањето пожари и бесправната сеча на дрва. Воедно на граѓаните им беа делени и информативни летоци.

Мени за пристапност