Денеска (18.12.2025) од страна на полициски службеници од ПС Делчево, ПС Берово и ПС Пробиштип при СВР Штип, на подрачјето на Делчево, Берово и Пробиштип, беа реализирани превентивни активности од областа на безбедноста во сообраќајот, за користење на зимска опрема и сигурносните појаси, правилно паркирање и безбедноста на пешаците. Полициските службеници во непосредна комуникација им укажаа на возачите за потребата од почитување на сообраќајните правила и прописи, заради лична, но и безбедноста на сите останати учесници во сообраќајот. При тоа, беше потенцирано дека во зимскиот период, условите на патиштата бараат максимална внимателност и затоа особено е важно користењето на зимска опрема. Исто така, беше потенцирана потребата од почитувањето на правилата кои се однесуваат на пешаците, како најранлива категорија учесници во сообраќајот. Користењето на сигурносните појаси, пак е насочено пред се кон личната безбедност и тоа многу придонесува за намалување на степенот на повреди при евентуална сообраќајна несреќа. На возачите им беше поделен и печатен едукативен материјал, изработен од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес и ОВР Кавадарци, пак, заедно со лекар од Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, реализираа предавања во рамките на кампањата „Без пиротехника за побезбедни празници” за учениците во средните училишта „Ѓорче Петров“, „Киро Спанџов Брко“ и „Добри Даскалов“ и основните училишта „Димката Ангелов Габерот“ и „Тоде Хаџи Тефов“ во Кавадарци. На предавањата беше укажано дека употребата на пиротехнички средства претставува голем ризик по здравјето, особено кај децата и може да предизвика тешки и трајни повреди и последици по здравјето. Истовремено, беше потенцирано дека продажбата и употребата на пиротехнички средства е законски строго регулирана и за прекршителите на мерките се предвидени казни. Целта на едукативните предавања е да се подигне свеста кај децата за опасностите од користењето на пиротехнички средства во пресрет на новогодишните празници.
Предавање на истата тема одржаа и полициски службеници од ПС Пробиштип во ООУ „Никола Карев“ во Пробиштип, а превентивна активност насочена кон спречување на употребата на пиротехнички средства спроведоа и полициски службеници од ПС Пехчево во централното подрачје на Пехчево.