На 02.02.2026 полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје на неколку локации во општина Кисела Вода реализираа превентивни активности под мотото „Користи зимска опрема”. На граѓаните низ директна комуникација и делење на едукативни летоци им ја потенцираа потребата од почитување на сообраќајните правила и прописи со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот, особено во делот на користење на зимската опрема, обврска која е на важност во периодот од 15 ноември 2025 година до 15 март 2026 година. Исто така, на подрачје на Кисела Вода и Центар реализирани се превентивни активности во делот на имотни деликти „Не оставајте вредни предмети во вашиот автомобил“. На возачите им беше укажано кога ги паркираат своите возила да не оставаат вредни предмети во нив, кои може да бидат мета на крадци.
Во текот на денешниот ден пак (03.02.2026) полициски службеници од СВР Штип во Свети Николе, Пробиштип и Берово спроведоа превентивни активности во областа на сообраќајот, при што беше потенцирана потребата од почитување на сообраќајните правила и прописи со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот, особено во делот на користење на зимската опрема, а на возачите им беше укажано на штетните последици што можат да настанат доколку се управува возило под дејство на алкохол, како и доколку се користи мобилен телефон додека се управува возило.
Полициските службеници од Регионалниот центар за гранични работи Исток пак во селата Црник, Панчарево, Тработивиште и Вирче, реализираа превентивни активности за спречување на незаконитиот лов, како и заштита на населението од ниските температури.