На 29.07.2026 на локалниот пат Скопје – Велес, во близина на КПУ Затвор Идризово и крстосница населба Јурумлери и населба Долно Лисиче, полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје спроведоа превентивни кампањи за безбеден сообраќај и за заштита од пожари. Во делот на сообраќајот посебен акцент беше даден на темата „Безбедно на мотор - носи кацига“, односно на безбедност на мотоциклистите. Додека, во делот на заштита од пожари, беше потенцирана брзата реакција, односно навременото пријавување доколку забележиме пожар на отворено.
Воедно, на возачите и пешаците им беше поделен едукативен материјал, подготвен од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, а беа поставени плакати за заштита од пожари. Отсекот за превенција при СВР Куманово и Општински совет за превенција од општина Куманово, исто така, денеска на подрачје на градот спроведоа превентивна активност наменета за електрични тротинети и новите измени во Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата со кои електричен тротинет ќе може да управува лице кои има наполнето 18 години. За време на активноста, граѓаните беа запознаени и со другите измени на Законот, а им беа делени летоци со едукативна содржина. Превентивни активности за безбеден сообраќај, денеска беа реализирани и во Велес.
Полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес со граѓаните дискутираа на тема „Паркирај совесно - паркирај одговорно“, при што беше истакната потребата од паркирање само на дозволени места за паркирање, почитување на местата определени за паркинг на лица со посебни потреби и почитување на знаците и ознаките на коловозот. Во рамки на активноста беше поделен печатен едукативен материјал изработен во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност-Скопје.
Додека, пак вчера (28.07.2026), полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Охрид одржаа средби со месното население на охридските села Горно и Долно Лакочереј со цел подигнување на јавната свест за потребата од заштита на шумите од пожари и спречување на пожари на отворен простор. Посебно беше укажано на потребата од итно информирање на надлежните институции при забележан пожар на отворен простор.
На 28.07.2026, полициски службеници од РЦ за ГР Исток заедно со Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Делчево реализираа превентивна активност ,,Патуваме безбедно". Преку разговори и делење летоци, возачите беа потсетени дека при тргнување на подолги патувања да бидат одморени, за време на патувањето да прават пауза на секои два до три часа, во траење од најмалку петнаесет минути, да користат сигурносен појас и да ја проверат техничката исправнист на возилото со цел поголема безбедност на сите учесници во сообраќајот.
Денеска, во Штип и Берово беа спроведени превентивни активности под мото „Не користи мобилен телефон додека управуваш возило“, при што на возачите учесници во сообраќајот им беше појаснета законската регулатива околу обврската која ја имаат како возачи, односно да не користат мобилен телефон додека управуваат возило. Додека, пак во Пробиштип, превентивнат аактивност беше на тема„Превенција и заштита од пожари“. Преку непосредни разговори на ргаѓаните им беше појаснета опасноста од палењето на оган на отворен простор, шумски пожари и пожари во објекти. Исто така, беа поделени летоци со едукативна содржина.