Отсекот за превенција при СВР Битола во соработка со РСБСП во текот на вчерашниот ден (29.07.2026) на Граничен премин Меџитлија спроведе превентивна кампања „Вози одморен“. На возачите кои транзитираат на ова подрачје им беше укажано за внимателно однесување во сообраќајот, да се прават почести паузи, да ги следат ограничувањата на брзината според сообраќајните знаци и да не фрлаат отпушоци низ прозорци. Исто така, на возачите им беше делена вода за освежување и превентивен материјал со насоки за безбедно лето без сообраќајни незгоди и без пожари. Денеска (30.07), полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Тетово во просторите на Здружението на пензионери Тетово остварија со членовите на здружението на која беше разговарано за зацврстување на довербата на граѓаните кон полицијата како служба на заедницата, а беа разменети информации и искуства во насока на унапредување на превенцијата и намалување на ризикот од појава на пожари. Особено беше потенцирано дека во периодот на земјоделските активности и жетвата треба да се осднесуваме внимателно за да не предизвикаме пожари на отворено. Отсек за превенција при СВР Куманово, пак, реализираше превентивна кампања „Заедно со граѓаните“. На повеќе локации во градот на граѓаните им беше укажувано дека е важно почитување на законските одредби кога се прават семејни веселби, односно да не се користи огнено оружје и пиротехнички средства. Исто така, во разговор со граѓаните беше укажано да внимаваат на своите лични работи на местата каде има поголема фрекфенција на луѓе, а возачите да бидат поодговорни и да не ги узурпираат тротоарите за паркирање на возилата. За заштита од пожари на отворено вчера (29.07.2026), полициски службеници од ОВР Дебар одржаа средби со месното население на дебарските села Селокуќи, Спас, Кривци и Баниште. Низ непосредни интерактивни контакти со граѓаните на овие подрачја, беше укажано на потребата од зголемена внимателност при чистење на нивите и стрништата, воздржување од горење на смет и друг отпаден материјал заради поефикасна заштита од појава и проширување на пожари. Посебно беше укажано на потребата од итно информирање на надлежните институции при забележан пожар на отворен простор. На 30.07.2026 на подрачјето на СВР Штип превентивни активности беа спроведени во Штип, Виница и Берово. Под мотото „Вози одморен“, на возачите учесници во сообраќајот во Штип им беа делени летоци со едукативна содржина и им беше потенцирана важноста да тргнуваат на пат одморени. Додека, во Виница и Берово со граѓаните беше разговарано на тема „Превенција и заштита од пожари на отворен простор, пожар во шума и пожари во затворен простор“. Преку непосредни разговори на населението им беше појаснета опасноста од палењето на оган на отворен простор, шумски пожари и пожари во објекти. Превентивни активности денеска беа спроведени и на подрачјето на СВР Скопје, односно на излетничко место Средно Водно. Притоа на возачите им беше укажано да не оставаат вредни предмети во автомобилите додека се паркирани за да не привлекуваат внимание на крадците, а им беше потенцирано дека е потребна континуирана соработка со надлежните институции и задолжително пријавување на несовесно однесување, како што се фрлање и палење ѓубре, палење оган на отворен простор и во близина на шумски појаси, фрлање на отпушоци и слично, со цел брза и навремена реакција на институциите. Воедно, на граѓаните им беа делени летоци со едукативна содржина на двете теми.