Денеска (20.02.2026) во Скопје, на подрачјето на Бит Пазар, полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје реализираа превентивна активност „Не оставајте вредни предмети во вашиот автомобил“. Полициските службеници во непосредна комуникација со граѓаните им укажуваа да не оставаат вредни предмети во паркираните автомобили, со цел да се превенираат можностите за тешки кражби од патнички моторни возила. Исто така, на граѓаните им беше укажувано за начините за превенција во тесна соработка со полицијата, а воедно им беа делени и едукативни печатени материјали, а им беше посочено и дека секој сомнителен случај треба да го пријават во полициска станица.
Вчера пак (19.02.2026) полициски службеници од СВР Тетово во основните општински училишта во подрачје на Општина Јегуновце започнаа со практична имплементација на превентивно-едукативниот проект „Правата на децата и нивните обврски“, чиј носител е Отсекот за превенција при СВР Тетово. Со овој проект ќе бидат опфатени сите ученици од осмо одделение од над 70 основни училишта во тетовското и гостиварското подрачје. На посебни часови во училиштата, стручно обучени полициски службеници ги запознаваат учениците со детските права и обврски во семејството, но и во училиштата и во општеството, а кои произлегуваат од домашни и меѓународни договори и конвенции. Покрај тоа, основците се информираат и за тоа - што претставува малолетничка деликвенција и за други девијантни асоцијални појави, како и за можните законски импликации доколку се инволвираат во истите.