Во пресрет на манифестацијата Струмички карневал, денеска (21.02.) на подрачјето на Струмица, полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Струмица и од Полициската станица Струмица реализираа превентивни активности насочени кон зголемување на безбедноста на граѓаните и посетителите.
Активностите беа спроведени на повеќе локации во градот, при што на граѓаните им беа поделени флаери со едукативен материјал и беа дадени практични совети за заштита од кривични дела, како што се кражби, тешки кражби и измами, особено во услови на зголемена фреквенција на луѓе за време на карневалските случувања. Посебен акцент беше ставен на подигање на личната и имотната безбедност, како и на важноста од навремена комуникација и соработка со Министерството за внатрешни работи.
Воедно, реализирана беше и превентивна активност наменета за возачите во рамки на кампањата „Не пиј кога возиш“, при што беше дистрибуиран едукативен материјал обезбеден од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата. Целта на активноста е подигање на свеста кај возачите да не управуваат моторни возила доколку консумирале алкохол за време на карневалските прослави и да се намали ризикот од сообраќајни незгоди предизвикани од управување под дејство на алкохол.