Денеска (10.12.2025) во основното училиште „Мустафа Кемал Ататурк" во општина Пласница, полициски службеници од ОВР Македонски Брод при СВР Битола одржаа трибина со учениците, на која тема беа ризиците и последиците од употребата на пиротехнички средства, особено сега во пресрет на празниците. Учениците беа запознаени и со законските одредби што ја санкционираат употребата и продажбата на пиротехничките средства.
Предавање на истата тема одржаа и полициски службеници од ПС Делчево при СВР Штип во ОУ „Климент Охридски“ во Делчево, а се зборуваше и за начините како да се препознае и превенира меѓуврсничкото насилство, како и за последиците од ваквата појава.
На територија на СВР Штип, во Пробиштип и Кочани, беа реализирани и превентивни активности за безбеден сообраќај. Низ директна комуникација со возачите, беше потенцирана потребата возилата кои се вклучуваат во сообраќајот да бидат технички исправни, да не се управуваат возила под дејство на алкохол, како и низа други правила и прописи, со цел безбедно учество во сообраќајот. На пешаците пак, им беше укажано дека не смеат да користат мобилен телефон кога преминуваат улица.
Полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес, пак, спроведоа превентивно-едукативна активност за заштита од имотни деликти, пред се кражби и измами. Во непосредна комуникација со граѓаните, особено со повозрасната популација, полициските службеници им даваа корисни совети на граѓаните како да се заштитат себе и своите домови од кражби, провални кражби и измами и потребата секој сомнителен случај да го пријават во полиција.
Во просториите на Секторот за внатрешни работи Струмица, пак, по повод одбележувањето на 9 Декември - Денот на превенцијата беше организирана посета на дечиња од различна возраст, кои беа пречекани од началникот на СВР Струмица и повеќе полициски службеници, кои ги запознаа со нивната работа, им беше презентирана дел од опремата која ја користат при вршење на службените задачи, а дечињата ги разгледаа и службените простории. Тие присуствуваа и на видео презентација на дел од досега спроведените превентивни активност на Отсекот за превенција при СВР Струмица, како и презентација на електронската книга со творбите кои учествуваа во конкурсот кој беше организиран по повод Денот на полицијата- 7 Мај.