Денеска (27.06.2026) полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Југ реализираа превентивна активност насочена кон подигање на јавната свест за заштита на природата и превенција од пожари, особено за време на летната туристичка сезона и жетвените работи. Активноста беше спроведена на Граничниот премин Стар Дојран, Граничниот премин Меџитлија, како и на територија на Полициската станица за граничен надзор Маркова Нога, каде полициските службеници непосредно комуницираа со граѓаните, како и туристите, при што им беше укажано на потребата од одговорно однесување во природа, со посебен акцент на избегнување на палење оган во природа, да не фрлаат отпушоци од цигари и доколку забележат пожар веднаш да пријават на телефонскиот број 112. На граѓаните им беа поделени и едукативни летоци.
Превентивна активност за заштита од пожари во текот на вчерашниот ден спроведоа и полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Куманово, кои исто така одржаа и координативни состаноци со месните заедници и другите институции со цел поефикасно справување со оваа појава. Отсекот за превенција при СВР Куманово реализира и едукативно предавање во детската градинка „Ангел Шајче“ во Куманово, со цел да ги запознае децата со основните сообраќајни правила, прилагодено на нивната возраст. Исто така, во Куманово реализираа превентивни активност насочена кон возачите на мотоцикли, електрични тротинети и велосипеди, при што возачите беа потсетени на правилата и обврските за внимателно и одговорно учество во сообраќајот, особено за обврската за носење заштитен шлем.