На 19.07.2026 во периодот од 12:00 до 18:00 часот, полициски службеници за превенција при Регионалниот центар за гранични работи Запад во содејство со полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Охридско Езеро и претставници на Општинската организација на Црвен крст од Охрид реализираа превентивна активност во водите на Охридското Езеро.
Притоа, беа остварени непосредни контакти со туристите, посетителите, локалното население и лицата кои престојуваа на езерото со различни видови пловни објекти. Целта на активноста беше подигнување на јавната свест за опасностите што ги предизвикуваат екстремно високите температури, како и јакнење на безбедносната култура и информирање на граѓаните за правилното и одговорно однесување при престој на вода во текот на летната туристичка сезона. На граѓаните им беа дадени совети за заштита од топлотен удар, сончаница и дехидратација, со препорака да избегнуваат подолг престој на директно сонце во периодот кога температурите се највисоки, редовно да внесуваат течности, да користат заштитна опрема од сонце и да посветат особено внимание на безбедноста на децата, постарите лица и лицата со хронични заболувања.
Воедно, беше потенцирана потребата од совесно управување со пловните објекти, почитување на правилата за пловидба, користење на сигурносна опрема и елеци за спасување, избегнување управување под дејство на алкохол, како и воздржување од ризично однесување кое може да ја загрози личната и безбедноста на другите учесници на вода. Денеска (20.07.2026), полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес реализираа превентивна активност на тема „Има помош за живот без насилство“. Преку непосредна комуникација, граѓаните беа информирани за појавите на семејно насилство, како и за нивните права и мерки за заштита при постоење на некои од облиците на семејно насилство.
Исто така, со граѓаните беа споделени постапките и процедурите при појава на такви случаи и достапноста на услугите за помош, заштита и привремен престој, при што им беше потенцирана важноста од навремено пријавување на сите облици на насилство. Во рамки на превентивната активност беше поделен печатен материјал со едукативни препораки, со цел подигнување на свеста за безбедност. На 20.07.2026, Одделението за превенција при СВР Скопје реализираше превентивни активности на подрачјето на Сарај на тема „Вози одморен“ за побезбеден сообраќај и за заштита од пожари. Основна цел на кампањите беше зголемување на сообраќајната култура во насока на почитување на сообраќајните правила и прописи, зајакнување на довербата и соработката помеѓу полицијата и граѓаните, како и рано спречување на пожари и запознавање и информирање на граѓаните со позитивните законски регулативи доколку предизвикаат шумски пожари.
За време на активностите на граѓаните им беа поделени летоци со едукативна содржина. На 20.07.2026 во Штип, полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Штип реализираа превентивна активност на тема „Носи кацига“. Основна цел на активноста беше зголемување на сообраќајната култура со цел максимално почитување на сообраќајните правила и прописи, како и зајакнување на довербата и соработката помеѓу полицијата и граѓаните. Исто така на возачите им беше поделен и едукативен материјал со корисни совети за возачите.