Вчера (18.07.2026) на подрачје на Ресен, полициски службеници од ОВР Ресен реализираа превентивно- едукативна активност за безбеден сообраќај, со акцент на подигањето на свеста кај возачите да не управуваат возила под дејство на алкохол. Имено, алкохолот сериозно ги намалува возачките вештини, ги нарушува психомоторните способности и претставува сериозна закана по нивната и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот. Исто така, на подрачје на Ресен и околните населени места, полициските службеници реализираа превентивни активности за спречување на пожари, при што на граѓаните им беше укажано за опасноста од несовесното фрлање и палење ѓубре, палење стрништа, фрлање отпушоци и друг вид запаливи материјали на отворен простор и во близина на шумски појаси, за да се намали ризикот од појава на пожари на отворен простор. Целта на активностите е да се зголеми безбедносната култура, но и да се зајакне довербата и соработката помеѓу полицијата и граѓаните, како и навремено пријавување на било какви појави на несовесно однесување. Во рамки на активностите беше поделен и печатен едукативен материјал. Полициски службеници од ОВР Берово пак, во соработка со Центарот за социјални работи Берово, на 18.07.2026 на подрачјето на Општина Берово, реализираа превентивна активност „Соседски патроли – Заедно за побезбедна заедница“. Активноста беше спроведена на повеќе локации на подрачјето на општината, каде што во вечерните часови најчесто се собираат млади лица, како паркови, спортски игралишта и угостителски објекти. Беа реализирани непосредни разговори со младите и со присутните граѓани, при што беше потенцирана важноста од почитување на законските прописи, одговорното однесување на јавни места, зачувувањето на јавниот ред и мир, како и заштитата на јавниот имот и урбаната опрема. Посебен акцент беше ставен на превенцијата од меѓуврсничко насилство, злоупотребата на алкохол и психоактивни супстанции, како и на препознавањето и избегнувањето на други ризични облици на однесување.