Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Превентивни активности на подрачјата на СВР Велес, СВР Скопје, СВР Штип и СВР Тетово за безбедност во сообраќајот, заштита од имотни деликти и заштита на шумите од сеча и пожари

Превентивни активности на подрачјата на СВР Велес, СВР Скопје, СВР Штип и СВР Тетово за безбедност во сообраќајот, заштита од имотни деликти и заштита на шумите од сеча и пожари

На 11.06.2026, полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес и полициски службеници од Полициското одделение Чашка во селата Отовица, Сујаклари, Иванковци и Мамутчево, на подрачје на општина Чашка и село Извор реализираа превентивно едукативни активности под мотото „Пламените јазици се незапирливи“ и „Да ги заштитиме нашите шуми од шумски пожари и бесправни сечи“. 

Во рамки на активностите на граѓаните им беше потенцирано дека е потребна континуирана соработка со надлежните институции и задолжително пријавување на несовесно однесување како фрлање и палење ѓубре, палење оган на отворен простор и во близина на шумски појаси, фрлање на отпушоци и слични со цел брза и навремена реакција. Во текот на летниот период, поради зголемените температури, расте и опасноста од предизвикување пожари од невнимание. Затоа, беше посочена потребата од заштита и намалување на ризикот од настанување на шумски и пожари на отворен простор, како и внимателно извршување земјоделски работи, со акцент на опасностите од предизвикување пожари од палење на меѓи, стрништа со сува трева  и смет на ниви. 

Денеска, на повеќе локации во Делчево реализирана е превентивна активност под мотото „Не користи мобилен телефон додека возиш“и „Вози одговорно-Носи Кацига“.  На возачите учесници во сообраќајот им беше укажано да внимаваат на техничката исправност на своите возила и беше апелирано да возат внимателно и да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. За време на активноста на возачите им беа поделени и летоци со едукативна содржина. 

Исто така, денеска, Одделението за превенција при СВР Скопје во соработка со РСБСП на подрачјето на Ѓорче Петров спроведе превентивно едукативни кампањи од област на имотни деликти „Секој може да биде жртва“, „Внимавај-телефонски измами“ и „Паркирај совесно-паркирај одговорно“. Основна цел на проектот беше зголемување на безбедносната култура кај граѓаните, како и зајакнување на довербата и соработката помеѓу полицијата и граѓаните. Воедно на возачите им беше укажано на потребата од целосно почитување на сообраќајните правила и прописи со посебен акцент на совесно и одговорно паркирање на  моторно возило. 

Пребенвтивни активности за зајакнување на довербата и соработката помеѓу полицијата и граѓаните и за побезбеден сообраќај  беа реализирани и во Тетово. Притоа, на непосредни средби, граѓаните беа запознаени со улогата, задачите и одговорноста на полицијата. Им беше укажано и како да се заштитат од имотни деликти ( кражби на паричник, ташни и други предмети од вредност), како и за постапката при пријавување на овој вид на настани во полиција. Во Тетово продолжи практичното имплементирање на превентивно едукативниот проект ,,Чекор по чекор“, во кој ќе бидат опфатени децата на предшколска возраст од 14 тетовски детски градинки, на кои полициски службеници од Полициските станици за безбедност на патниот сообраќај Тетово и Гостивар им одржуваат предавање и им објаснуваат на децата како да се движат во сообраќајот, односно да ги почитуваат сообраќајните правила и знаци.

Мени за пристапност