Денеска (19.11.2025) во просториите на СВР Велес, во организација на Отсекот за превенција при СВР Велес беше реализирана превентивно - едукативна активност за децата од детската градинка „Димче Мирчев“ од Велес. Децата од предучилишна возраст, преку непосредна комуникација и другарување, се запознаа со важноста на професијата полициски службеник и кое е нејзиното значење за безбедноста на граѓаните, како и со работата на сообраќајната полиција и значењето на сообраќајните правила.
Исто така, децата имаа можност да видат дел од техничките средства, опремата и возилата кои што полициските службеници ги користат во секојдневното полициско постапување. Целта на овие активности е приближување на полицијата до децата како најмлада категорија на граѓани и прифаќање на полициските службеници како пријатели кои се грижат за нивната безбедност. Во знак на успешната соработка, СВР Велес доби благодарница од раководниот тим на градинката и во претстојниот период, предвидено е да се реализираат уште низа едукативни активности.