На 11.10.2026, Отсекот за превенција при СВР Тетово спроведе превентивна активност по повод почетокот на новата ловна сезона. Полициските службеници присуствуваа на отворањето на сезоната организирано од ловечкото друштво „Бујна Леска“ од Брвеница, во месноста „Чука“ (атар на с.Волковија), каде остварија средби со раководството и членовите на друштвото.
За време на средбата, на ловџиите им беше укажано на задолжително почитување на Законот за ловство и Законот за оружје, како и користење на оружјето исклучиво за дозволената намена. Пред секој истрел, ловџијата мора со сигурност да ја идентификува целта и да пази на евентуално присуство на други ловџии, планинари или земјоделци. Строго е забрането ракување со огнено оружје под дејство на алкохол или психоактивни супстанции.
Исто така, апелирано е да се пријавуваат лица кои ловат без дозвола или надвор од дозволените денови.
СВР Тетово апелира на совесно и одговорно однесување за да се спречат несреќи и да се заштити животот и здравјето на сите учесници во ловот и граѓаните.