На 05.03.2026, полициски службеници од ОВР Ресен и ОВР Македонски Брод реализираа превентивни активности на тема „Има помош за живот без насилство“. Преку непосредна комуникација, граѓаните беа информирани за појавите на семејно насилство, правата и мерките за заштита при постоење на некои од облиците на семејно насилство, но и за начините како да препознае психолошко насилство и насоки за тоа што можат да сторат доколку се најдат во ситуација да бидат сведоци на одреден вид насилство.
Денеска (06.03.2026), на иста тема „Има помош за живот без насилство“, Секторот за внатрешни работи Тетово на Попова Шапка реализираше превентивна активност. Целта на проектот е превентивно дејствување по однос на настани поврзани со родово-базирано насилство и семејно насилство, како и охрабрување на жртвите да ги пријавуваат во полиција.
Иста превентицвна активност беше реализирана денеска и во централните градски подрачја на Делчево и Свети Николе. Притоа, полициски службеници делеа летоци со содржина „Не биди нем сведок-пријави насилство врз жени веднаш ! “. Воедно, преку непосреден разговор граѓаните беа информирани и запознаени дека семејното и други насилства врз жени и девојчиња е кривично дело, за кое насилникот одговара пред надлежните институции, а жртвата е соодветно заштитена.
Секторот за внатрешни работи Тетово денеска започна и со практична имплементација на превентивно-едукативниот проект „Децата, правата и обврските“, чиј носител е Отсекот за превенција. Со овој проект ќе бидат опфатени околу 2200 осмоодделенци од над 70 основни училишта на тетовско-гостиварското подрачје. На посебни часови во училиштата, обучени полициски службеници ги запознаваат учениците со детските права и обврски, во семејството , училиштата и општеството, кои произлегуваат од домашни и меѓународни договори и конвенции, како и за тоа што претставува малолетничката деликвенција и за други девијантни појави, асоцијални постапки, но и за можните законски импликации доколку се инволвираат во тие појави. Целта на проектот е осмоодделенците да знаат кои се нивните права, но и какви можат да бидат законските последици ако иницираат или непосредно учествуваат во незаконски појави и постапки.
Додека, пак СВР Велес по повод претстојниот празник - Денот на жената „8 Март“, денеска реализираше превентивна активност во рамки на проектот „МВР и граѓаните“. Во непосредна комуникација со граѓаните, полициските службеници им го честитаа празникот на припадничките на понежниот пол, упатувајќи им честитки и почит за нивната храброст и посветеност во семејството, работните места и општеството. Истовремено беше потенцирано дека полицијата останува посветена на нивната безбедност, достоинство и еднаквост, во заедничката намера за градење на општество во кое секоја жена ќе се чувствува сигурно, почитувано и вреднувано.
Превентивна активност за побезбеден сообраќај денеска беше реализирана во Кочани и Виница на тема „Стави појас-секогаш при секое патување“ и ,,Не користи мобилен телефон додека управуваш возило“.