На 05.03.2026, Одделението за превенција при СВР Скопје во соработка со РСБСП, на подрачјата на Аеродром и Кисела Вода реализираше сообраќајно-превентивни активности за поголема безбедност во сообраќајот. Притоа, на возачите во Аеродром им беше укажано да користат безбедносен појас и да не користат мобилен телефон кога управуваат возило. Додека, на учениците од второ одделение од основното училиште „Рајко Жинзифов“ во Кисела Вода им беа презентирани и објаснети информации за основите на сообраќајната култура, сообраќајните правила, прописи и знаци, со посебен акцент на оние кои директно влијаат врз безбедноста на децата кои се учесници во сообраќајот како пешаци. СВР Скопје реализираше едукативна работилница и во основното училиште „Гоце Делчев“ на подрачјето на Полициското одделение Петровец на тема „Превенција од зависности“. Учениците беа запозанени со различните водиво на зависности и дека често се генератор на агресивност, насилство и криминал, а тоа носи и неизбежно пропаѓање на зависникот, неговото семејство и поширокото општествено опкружување.
Вчера (04.03.2026), полициски службеници од ОВР Дебар во детската градинка „Бреша“ во Дебар, одржаа работилница на тема „Полицаецот е мојот пријател“. Низ проактивна комуникација и типизиран пристап, на најмладите им беа објаснети улогата и задачите на полицаецот, што е безбедност, што е сообраќај и зошто се значајни, што е семафор, каде треба да се поминува коловозот, зошто треба да се почитуваат сообраќајните знаци и прописи. Целта на работилницата е навремено едуцирање на најмладата популација за теми од областа на сообраќајната безбедност и развивање на нивната сообраќајна култура.
Денеска (05.03.2026), полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес реализираа превентивни активности на теми „Има помош за живот без насилство“ и „Превенција од питачење“. Преку непосредна комуникација, граѓаните беа информирани за појавите на семејно насилство, правата и мерките за заштита при постоење на некои од облиците на семејно насилство, но и за начините како да препознае психолошко насилство и насоки за тоа што можат да сторат доколку се најдат во ситуација да бидат сведоци на одреден вид насилство. Исто така, полициските службеници спроведоа и активност за превенција од питачење, со укажувања и совети за граѓаните да се воздржат од давање пари на лицата кои питачат, а секој забележан случај на питачење, особено од деца на улуца, да го пријават во надлежните институции со цел нивна заштита и целосно вклучување во општеството. Полициски службеници од ОВР Неготино пак, на Градскиот пазар и Пензионерскиот дом во Неготино и во Демир Капија, реализираа превентивни активности на тема „Заштита од измами“, со цел на граѓаните, особено на повозрасните, да им се укаже да бидат внимателни при разговори со непознати лица кои претставувајќи им се лажно им нудат разни услуги или ги доведуваат во заблуда за евентуални несреќи на блиски членови од семејството.
Превентивна активност за заштита од насилство беше реализиреана денеска и во Пехчево. Додека, пак, во Штип се реализирани активности за безбеден сообраќај, а во Пробиштип активностите беа насочени кон незаконската сеча на дрва, односно беше улажуванбо на граѓаните максимално да се грижат за шумскиот фонд и дека се должни секое незаконско дејствие да го пријават во полициска станица.