Во текот на изминатиот викенд, Отсекот за превенција и ПС за БПС при СВР Куманово, спроведоа превентивни активности под мото „Не пиј кога возиш“. Притоа, на возачите им беше укажано за последиците кои можат да настанат доколку се управува возило под дејство на алкохол, а беа презентирани и практични искуства за ризиците во сообраќајот од возач под дејство на алкохол, за психофизичките и моторички проблеми што настануваат и слично. Целта на активностите беше да се подигне свеста кај учесниците во сообраќајот дека таквото неодговорно однесување, односно комбинацијата на алкохол и управување на моторно возило не само што е директна закана по животот на секој оној што во таква состојба управува возило, туку е и закана за сите други учесници во сообраќајот. На возачите им беа делени и едукативни летоци со информативни содржини изработени во соработка со РСБСП.