Денеска (15.08.2026) на магистралниот пат Гостивар–Тетово, кај наплатната станица Гостивар, полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Тетово, во содејство со полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Гостивар, спроведоа превентивна активност во рамки на кампањата „Не користи мобилен телефон додека возиш“.
Активноста беше наменета за сите учесници во сообраќајот кои управуваат моторни возила, со цел подигнување на свеста за опасностите и ризиците од користење мобилен телефон за време на управување со возило.
На возачите им беа поделени летоци со едукативна содржина, во кои се упатуваат јасни пораки за одговорно однесување во сообраќајот, меѓу кои: „Секој повик може да почека“ и „Користењето мобилен телефон додека возите е опасно и ризично“.
Во рамки на кампањата беа презентирани и статистички податоци за бројот на загинати и телесно повредени лица во сообраќајни незгоди предизвикани како резултат на користење мобилен телефон при управување со моторно возило, како и информации за казнените одредби согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Превентивните активности се насочени кон зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот и поттикнување на одговорно и совесно однесување на патиштата.
Апелираме до сите возачи да не го користат мобилниот телефон додека управуваат со возило. Ниту еден повик или порака не е поважна од безбедноста на вашиот живот и животите на останатите учесници во сообраќајот.
Кампањата е реализирана со едукативни материјали изготвени од Министерството за внатрешни работи, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност – Скопје.