Секторот за полициски работи од општа надлежност и Отсеците за превенција при Министерството за внатрешни работи, во соработка со Црвениот крст, спроведува заедничка превентивна кампања за подигнување на јавната свест за опасностите од употреба на пиротехнички средства, особено во периодот на празници.
Во рамки на кампањата во градовите Скопје, Струмица, Велес, Битола, Охрид, Кочани, Гостивар и Куманово, на јавни простори со најголема фреквенција на граѓани, се реализираат симулациски вежби и демонстрации, преку кои ќе се прикажат реалните последици од неправилна и несовесна употреба на пиротехника. Симулациите опфаќаат сценарија со повреди, итна интервенција на службите, укажување прва помош и постапување на полицијата, со цел граѓаните директно да ја согледаат сериозноста и ризиците од ваквото однесување.
Активностите ќе бидат медиумски покриени, со цел пораките од кампањата да допрат до што поголем број граѓани и да се поттикне одговорно однесување, особено кај младите.
Преку оваа соработка, МВР и Црвениот крст испраќаат јасна порака дека превенцијата, едукацијата и заедничкото делување се клучни за создавање безбедна средина и празници без повреди, страв и трагични последици.