Денеска (16.06.2026) на Градскиот пазар во Велес и во Демир Капија, полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес и Полициската канцеларија Демир Капија реализираа превентивно-едукативна активност за заштита од имотни деликти на тема „Обезбеди го својот дом“. На граѓаните им беше укажано за потребата од поголема внимателност и начините како да се заштитат од различни видови и форми на кражби, со цел да го зголемат нивото на лична и имотна сигурност. Активноста посебно беше насочена кон повозрасната популација, која е почеста мета на разни видови на имотни деликти, потенцирајќи им добро да ги заштитат своите домови, да внимаваат на своите лични предмети и да бидат посебно внимателни при комуникација со непознати лица. Полициски службеници од Полициското одделение Чашка, пак, денеска во Чашка реализираа превентивна активност на тема „Не биди нем сведок“ со цел превентивно да се дејствува во спречувањето на појавата на секој вид родово базирано насилство, објаснување на постапките и процедурите при појава на случаи на родово базирано насилство. Во рамки на превентивните активности беше поделен печатен едукативен материјал.
На 16.06.2026 на подрачје на магистрален пат Скопје-Блаце, Одделението за превенција при СВР Скопје спроведе превентивно - едукативна кампања за заштита од шумски пожари., На граѓаните им беше потенцирана потребата од поголема свесност за заштита на шумите од пожари и доколку се забележи пожар на отворено веднаш да се извести на 112. За време на активноста на граѓаните им беше поделен и едукативен материјал.
На 16.06.2026, полициски службеници од Полициските станици за безбедност на патниот сообраќај Штип, Делчево и Свети Николе во Штип, Делчево и Свети Николе реализираа превентивни активност под мотото „Не користи мобилен додека возиш“, „Управувај технички исправно возило„ и „Стави појас“. За време на активностите на граѓаните им беа поделени летоци со едукативна содржина и корисни совети за почитување на сообраќајните правила и прописи, а целта е зголемување на безбедноста во сообраќајот. Во Штип беше спроведена и активност за заштита на шумите од пожари и бесправна сеча. Полициските службеници во разговор со граѓаните укажуваа на потребата од максимална совесност и грижа за шумскиот фонд. Исто така, на граѓаните им беше укажано дека незаконското сечење на дрва е кривично дело и на овој начин можат да предизвикаат последици по шумскиот фонд за кои се потребни децении да се надоместат. Беше поделен и едукативен материјал со информативна содржина, изработен во соработка со ЈП „Национални шуми“. Додека, во Берово беа реализирани превентивни активности под мотото ,,Внимателно и одговорно со земјоделската механизација во сообраќајот“, при што , исто така, беше потенцирана важноста за почитување на сообраќајните правила и прописи, особено користењето на земјоделската механизација во период на туристичката сезона и земјоделските активности.