Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Излезе десеттиот број од меѓународното научно списание „Безбедност“

Излезе десеттиот број од меѓународното научно списание „Безбедност“
Почитувани припадници на Министерството за внатрешни работи,
Почитувани професори, истражувачи, научни работници,
Почитувани читатели, 
 
Со особено задоволство Ви го претставуваме десеттиот број на возобновеното Меѓународно научно списание на Министерството за внатрешни работи „Безбедност“.

Со издавањето на овој број заокружуваме една целина во која на јавноста и го доближивме списанието „Безбедност“, кое стана препознатливо и прифатено во научната и професионалната фела, со теми поврзани со безбедноста, полициските работи, човековите права, криминалистиката, криминологијата и други теми значајни за развојот на научната мисла во областите на дејствување на МВР и македонската полиција.

Се наоѓаме во период во кој како никогаш порано треба да ги вклучиме сите ресури, сето знаење и собрано искуство во безбедноста и полициските работи, за да одговориме на предизвиците со кои се соочува нашата држава и да го продолжиме патот на развој за стабилна, безбедна, модерна и успешна Македонија. 

Во овој број ќе можете да прочитате вкупно единаесет научни и стручни трудови со теми значајни за полициската практика, кои ќе бидат користени за развој на стратегии и политики засновани на докази. Опфатени се широки теми како градењето на стратегии за развој на полицијата, сајбер безбедноста, дигиталната корупција, еколошките кривични дела, заканите по националната и меѓународната безбедност, но и најсовремените модели на контрола и безбедност во сообраќајот, како Визијата Нула која треба да ни донесе многу поголема безбедност во сообраќајот на патиштата.

Како министер за внатрешни работи, секогаш ќе ја поддржувам соработката помеѓу професионалците во МВР и научните работници, уверен дека само преку отворена соработка, размена на податоци и информации, подготовка на квалитетни анализи и научни истражувања можеме да ја градиме полицијата која е вистински сервис на граѓаните и столб на функционирањето на правната држава. 

Свесен дека образованието на вработените е корисна алатка за градење на човечките капацитети и професионалци подготвени да дадат силен придонес за развојот на полициските практики, во ова обраќање сакам да ги поттикнам вработените во министерството да се вклучат во професионални истражувања и да ја користат можноста која ја нуди списанието „Безбедност“ за да ги прочитаат најсовремените пристапи за работа, но и да ги објават своите научни и стручни сознанија за процесите, моделите, методите на работа кои и самите ги практицираат.

Веќе од наредниот број, списанието ќе започне да се објавува и на англиски јазик, со што Вашите научни и стручни текстови ќе ги направиме достапни за многу поширока читателска публика, а ќе започнеме и процес за индексирање на списанието во меѓународните бази на научни трудови. Тоа ќе ни овозможи поширок опсег на соработка, зголемена видливост на научните трудови и отвореност за нови перспективи и идеи кои ќе бидат применети во секојдневното работење на полицијата.
 
Со почит,
 
Панче Тошковски
Министер за внатрешни работи
Претседател на Меѓународниот уредувачки одбор на
Меѓународното научно списание „Безбедност“
 
 

 

Мени за пристапност