Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Излезе деветтиот број од меѓународното научно списание „Безбедност“

 Излезе деветтиот број од меѓународното научно списание „Безбедност“
Почитувани читатели,
 
Свесен за важноста и значењето на научно-стручната основа во современото полициско работење, го претставувам деветтиот број на Меѓународното научно списание „Безбедност“. Во време кога безбедносните предизвици стануваат сè покомплексни и подинамични, темелното истражување, анализата и академската дискусија се клучни алатки за успешно справување со истите.


Како министер за внатрешни работи, мојата заложба е јасна – силно ќе ја поддржувам интеграцијата на научната мисла во сите сегменти на полициското работење. Визијата што ја застапувам подразбира создавање на инклузивен интелектуален простор, во кој полицијата и науката ќе соработуваат преку заеднички научно-истражувачки активности, системски анализи и развојни проекти. Овој пристап ќе овозможи креирање политики и стратегии кои не се само реактивни, туку и проактивни, со цел да се предвидат и спречат идните безбедносни закани.
 
Списанието „Безбедност“ со својата традиција претставува значајна алатка за спојување на научната мисла и полициската практика. Наша амбиција е ова списание не само да ја задржи својата позиција како респектабилна платформа за стручни и научни трудови, туку и да прерасне во еминентно меѓународно научно списание, достојно да биде дел од престижните меѓународни научни бази.
 
Тоа ќе ни овозможи поширок опсег на соработка, зголемена видливост на научните трудови и отвореност за нови перспективи и идеи кои ќе бидат применети во секојдневното работење на полицијата.
Ги охрабрувам сите професори, истражувачи и практичари од областа на безбедноста со своите знаења и експертиза да придонесат во унапредувањето на ова списание. Вашиот придонес не само што ќе го збогати научниот корпус, туку и ќе придонесе за подобрување на оперативните процедури и стратешките пристапи во полициското работење.
Сигурен сум дека овој број на списанието ќе претставува значаен чекор напред во градењето на модерна, ефикасна и транспарентна полициска служба, а неговата содржина ќе послужи како темел за идни иницијативи и стратегии кои ќе го обликуваат полициското работење во годините што доаѓаат.
 
Со почит,
 
Панче Тошковски
Министер за внатрешни работи
Претседател на Меѓународниот уредувачки одбор на Меѓународното научно списание „Безбедност“
 

Мени за пристапност