Почитувани припадници на Министерството за внатрешни работи,
Почитувани членови на академската и научната заедница,
Почитувани читатели,
Безбедноста на граѓаните е вистинското мерило за успешноста на секоја безбедносна политика. Зад секоја одлука, стратегија или нова технологија мора да стои јасна цел – заштита на животот и имотот на граѓаните, поголема сигурност и поефикасни институции. За нејзино остварување, покрај оперативната подготвеност и искуството, неопходни се научни истражувања, стручни анализи и подготвеност постојано да ги унапредуваме начините на работа.
Токму во поврзувањето на науката со полициската практика ја гледам вредноста на меѓународното научно списание на Министерството за внатрешни работи „Безбедност“. Неговата улога е да поттикнува размена на знаења и идеи меѓу полициските професионалци, истражувачите и академската заедница, но и да придонесува за создавање решенија што ќе имаат практична примена и конкретни придобивки за граѓаните.
Живееме во време кога организираниот криминал, корупцијата, сајбер-заканите и злоупотребата на современите технологии добиваат сè посложени облици. Затоа институциите мора да бидат подготвени не само да реагираат, туку навремено да ги препознаваат и спречуваат ризиците. Модернизацијата на македонската полиција ја разбирам како процес во кој технолошкиот напредок оди заедно со професионалното усовршување и носењето одлуки засновани на проверени податоци.
Развојот на системот „Безбеден град“, современите пристапи во превенцијата на криминалот и унапредувањето на сообраќајната безбедност, како и зајакнувањето на капацитетите за борба против организираниот криминал и корупцијата, отвораат нови можности за поефикасно полициско работење. Но, нивниот успех не се мери само преку преземените активности, туку преку резултатите – помалку жртви на патиштата, спречени кривични дела, навремени интервенции и поголема доверба во институциите.
Научните истражувања ни помагаат подобро да ги разбереме безбедносните појави, објективно да ги оцениме ефектите од преземените мерки и да утврдиме каде се потребни промени. Науката треба да биде и основа за креирање политики и коректив на институционалното работење, овозможувајќи решенија што одговараат на реалните потреби на општеството.
Особено значење има вложувањето во полициското образование. Унапредувањето на условите за обука во Полициската академија во Идризово, современите образовни методи и соработката со универзитетите и меѓународните партнери се насочени кон создавање професионалци подготвени за новите предизвици. Граѓаните не ја оценуваат полицијата според бројот на усвоени стратегии, туку според професионалноста, правичноста и ефикасноста со кои таа постапува.
Ги охрабрувам вработените во Министерството, универзитетските професори и истражувачите активно да придонесуваат кон развојот на списанието „Безбедност“. Потребни ни се трудови што отвораат суштински прашања, нудат аргументирани заклучоци и создаваат основа за подобри полициски практики. Со неговото натамошно меѓународно позиционирање ќе се отвораат нови можности за научна размена и афирмација на домашната научна и стручна мисла.
Силата на современата полиција не се мери единствено преку нејзините овластувања и опрема, туку и преку способноста да учи, да се менува и да ја оправдува довербата на јавноста. Научното знаење ја добива својата вистинска вредност кога ќе се претвори во подобра превенција, поефикасна заштита и поголема сигурност за луѓето.
Во овој број на списанието ќе имате можност да прочитате извонредни научни и стручни трудови кои опфаќаат различни смегменти на полициската работа и безбедносните практики.
Ве поттикнувам со Ваши предлози, идеи, споделени искуства, да бидете промотори на научната мисла која ќе ги поддржи напорите за унапредување на полицијата.
Нека и ова, единаесетто издание на МНС „Безбедност“ биде поттик за нови истражувања и конкретни решенија, со заедничка цел – професионална и одговорна полиција, посилни институции и побезбедно општество за сите граѓани.
Со почит,
Министер за внатрешни работи
М-р Панче Тошковски
Преземи го списанието во PDF
Погледни го списанието како е-book