Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Низа активности по повод 7 Мај – Денот на македонската полиција

Низа активности по повод 7 Мај – Денот на македонската полиција

 

По повод 7 Мај – Денот на македонската полиција, Министерството за внатрешни работи реализираше повеќе активности насочени кон зајакнување на професионалната соработка, транспарентноста и довербата со граѓаните.

Денеска (06.05.2026) во Кавадарци, во организација на Регионалниот центар за гранични работи ЈУГ, успешно се одржа турнир во мал фудбал под мотото „Силни во службата, сплотени на теренот“. Турнирот беше насочен кон унапредување на соработката, јакнење на довербата и развој на тимскиот дух меѓу припадниците на Министерството и партнерските служби, при што учество зедоа екипи од РЦ за ГР ЈУГ, СВР Битола, СВР Велес, САЕ „Тигар“, ЕБР и ФРОНТЕКС. Натпреварите се одвиваа во фер и спортска атмосфера, а присуството на претставници на ФРОНТЕКС ја истакна важноста на меѓународната соработка.

Воедно, Полициската станица за граничен надзор Охридско Езеро, во состав на Регионалниот центар за гранични работи Запад, во Охрид реализираше презентација на своите активности, надлежности и оперативни капацитети. На настанот беа презентирани улогата на граничната полиција во заштитата на државната граница, спречувањето на прекуграничниот криминал и одржувањето на безбедноста на Охридското Езеро, при што беше прикажана и дел од опремата и техничките средства. Присутните имаа можност непосредно да се запознаат со работата и професионалната подготвеност на полициските службеници.

Во рамки на концептот „Соработка помеѓу полицијата и граѓаните“, Регионалниот центар за гранични работи Исток – Делчево реализираше „Отворен ден со полицијата“, на кој присуствуваа ученици од основните училишта „Ванчо Прке“ и „Св. Климент Охридски“ од Делчево, заедно со нивните наставници. Полициските службеници ги запознаа посетителите со работата на граничната полиција, опремата и техничките средства, а беа презентирани и службени кучиња. Учениците имаа можност да разговараат со полициските службеници, да поставуваат прашања и да се запознаат со возилата и опремата.

Слична активност беше реализирана и од Полициската станица за гранични проверки и граничен надзор Деве Баир, каде ученици од ООУ „Св. Јоаким Крчовски“ од Крива Паланка беа запознаени со работата на граничниот премин, опремата и возилата.

Со овие активности се потврдува посветеноста на Министерството за внатрешни работи кон зајакнување на соработката, транспарентноста и довербата со граѓаните, како и унапредување на безбедносниот систем.

Мени за пристапност