Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР денеска положувајќи свежо цвеќе на спомен обележјето, оддаде почит на загинатиот бранител и македонски херој Бобан Трпков, кој загина 2001 година во тетовско извршувајќи ja својата полициска должност.
„Бобан не беше само име и спомен, тој беше човек што го познавав лично. Наш колега, пријател, човек со големо срце и со идеал за служба кон народот и татковината. Како и многумина, ја носеше униформата со чест и гордост, исправен пред сите предизвици и закани, за да обезбеди мир и сигурност во кои денес ние живееме.
За жал, најскапоценото што го имаше својот живот го остави во аманет на Македонија. Зад себе остави семејство кое 24 години живее со болката и тагата, но и со гордоста што нивниот најблизок е запишан во историјата како херој. Токму затоа, наша должност и моја лична обврска е тие никогаш да не бидат заборавени. Нашата почит кон нив не е само збор, туку обврска нивната жртва секогаш да биде достојно одбележана.“, потенцираше директорот Јанев.
Денес, во негова чест, се одржува 24-тиот меморијален турнир во мал фудбал симболичен начин преку кој се потсетуваме на неговото живеење, на работата, на другарувањето. Така се чува споменот, така живее делото.
„Хероите како Бобан живеат вечно. Тие се нашата совест, нашиот патоказ и нашата обврска. Историјата нè задолжува да ја чуваме нивната чест и храброст, затоа што тие, како и сите што ја дадоа својата младост и живот за Македонија, се вечниот темел на нашата слобода и мир.“, нагласи на крај директорот Јанев.