Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес оствари работни посети на Одделението за внатрешни работи Струга и Полициската станица за гранични проверки Ќафасан. Од страна на раководствата на СВР Охрид и ОВР Струга министерот беше информиран за безбедносната состојба во регионот, со забележителни резултати во справувањето со насилниот криминал и видлив напредок во подобрувањето на сообраќајната безбедност – област во која и понатаму ќе се вложуваат дополнителни напори.
„Во пресрет на претстојните локални избори, веќе се преземаат соодветни оперативни активности насочени кон обезбедување мирен и безбеден изборен процес.
Што се однесува до граничниот премин Ќафасан, во текот на оваа летна сезона е евидентирано зголемување на бројот на патници кои ја поминале границата во споредба со истиот период минатата година. Во таа насока, заедно со албанските колеги работиме на имплементација на системот „One Stop“, кој во комбинација со одредени инфраструктурни прилагодувања ќе овозможи да имаме трајно решение за намалување на гужвите и забрзување на протокот на патници и возила за време на туристичката сезона.“, подвлече министерот Тошковски.