Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Исени на Глобалниот форум на ОН во Њујорк: Македонија останува посветен партнер во хуманото и ефикасно управување со миграцијата

Исени на Глобалниот форум на ОН во Њујорк: Македонија останува посветен партнер во хуманото и ефикасно управување со миграцијата

Заменик министерот за внатрешни работи Астрит Исени деновиве во Њујорк учествува на Глобалниот форум за ревизија на Глобалниот компакт за безбедна, уредна и регуларна миграција на Обединетите нации, кој се одржува од 5 до 8 мај.

Во своето обраќање Исени истакна дека соработката со IOM веќе дава конкретни резултати преку реализација на значајни национални и регионални проекти насочени кон модернизација на системите за регистрација и идентификација на мигранти, јакнење на граничното управување, борба против организираниот криминал и унапредување на механизмите за заштита на ранливите категории мигранти.

„Соработката со IOM претставува еден од клучните столбови во нашата стратегија за управување со миграцијата. Заеднички работиме на модернизација на системите, зајакнување на институционалните капацитети и имплементација на решенија усогласени со европските и меѓународните стандарди, со цел Северна Македонија да остане одговорен и доверлив партнер во регионалното миграциско управување“, истакна заменик министерот Исени.

Тој посочи дека преку ИПА проектите и заедничките регионални иницијативи се обезбедува значителна поддршка за подобрување на системите за азил, доброволно враќање, регистрација и управување со мешаните миграциски текови, како и за развој на современи механизми за заштита на мигрантите и бегалците.

Во обраќањето беше нагласена и потребата од уште поголема координација помеѓу државите, меѓународните организации и донаторите, со цел поефикасно искористување на ресурсите, избегнување на преклопувања и обезбедување навремена и одржлива поддршка за институциите.

Исени потенцираше дека Министерството за внатрешни работи останува посветено на понатамошно унапредување на миграциското управување преку развој на нови технолошки решенија, подобрување на интероперабилноста на податоците, зајакнување на граничната безбедност и продлабочување на регионалната и меѓународната соработка.

Глобалниот форум за ревизија на Глобалниот компакт за миграција претставува главна меѓувладина глобална платформа на Обединетите нации за размена на искуства, политики и напредок во имплементацијата на принципите за безбедна, уредна и регуларна миграција, во согласност со Целите за одржлив развој до 2030 година.

Мени за пристапност