Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 31.05.2026

Министерство за внатрешни работи Министерство за внатрешни работи

На 30.05.2026 во 10:45 часот во СВР Скопје е пријавено дека на сервисна улица кај Гробишта Ѓорче Петров во Скопје патничко возило „киа“ со скопски регистарски ознаки управувано од М.П.(68) удрило во 75-годишната Д.Т. двајцата од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила Д.Т. констатирани во Градската општа болница „8-ми Септември“. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Скопје.

На 30.05.2026 во 12:45 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул.„Христо Татарчев“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген“ со скопски регистарски ознаки управувано од Р.Т.(40) и патничко возило “тојота“ со скопски регистарски ознаки управувано од Г.С.(22) двете од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила Р.Т. констатирани во Јавната здравствена установа „Св.Наум Охридски“. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Скопје.

 

На 30.05.2026 во 14:10 часот, кај месноста „Сеферов бунар“ на магистралниот  пат Кичево-Гостивар, случена е сообраќајна незгода помеѓу товарно моторно возило „фолксваген кеди“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од Ф.К.(62) од кичевското село Грешница, товарно возило „сканија“ со албански регистарски ознаки, управувано од А.С.(60) од Делисуфај, Република Албанија, патнички автомобил „бмв“ со унгарски национални ознаки, што го управувала  В.К.(45) од Будимпешта и патнички автомобил „фиат“ со српски национални ознаки, што го управувала  М.Г.(32) од Ниш. Притоа, со тешки телесни повреди се здобил возачот на првото возило кој, поради сериозноста на повредите е пренесен во Ургентниот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Увид на местото на незгодата, извршија полициски екипи.

 

На 30.05.2026 година во 19:00 часот, во ОВР Гостивар, на улица „Браќа Ѓиноски“ во Гостивар, се случила сообраќајна несреќа во која непознато лице кое управувало електричен тротинет удрило во пешакот В.Т.(67) од Гостивар. Веднаш по незгодата, возачот на тротинетот го напуштил местото на настанот. Во Медицинскиот центар Гостивар кај В.Т. биле констатирани тешки телесни повреди. Увид извршила екипа од ОВР Гостивар и се работи на пронаоѓање на возачот.

 

На 30.05. во 20.00 часот полициски службеници од ОВР Кратово го лишиле од слобода А.М.(27) од Скопје, затоа што   по завршување на фудбалски натпревар на стадион во Кратово  физички нападнал полициски службеник кој извршувал службени дејствија.Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава. Исто така уште против четири лица биле изготвени записници за насилство и недолично однесување на спортски натпревар.

 

На 30.05.2026 во 18:40 часот во Кочани полициски службеници од ОВР Кочани ги лишија од слобода Б.Б.(27) и П.Н.(28) двајцата од Гевгелија поради тоа што по завршување на фудбалски натпревар помеѓу ФК ,,Кожув – Гевгелија“ од Гевгелија и ФК ,,Борец 1919“ од Велес на Градскиот стадион „Никола Мантов“ во Кочани, истите кои го следеле настанот како навивачи од фудбалска група спречиле и нападнале полициски службеници кои извршувале службени дејствија. За настанот е известен Јавен обвинител. По целосно документирање против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок. Воедно, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди ќе ги испита сите околности на настанот, вклучително и евентуални пречекорувања на службените овластувања од страна на полициските службеници.


На 30.05.2026 во 21:30 часот во Пробиштип полициски службеници од ОВР Пробиштип го лишија од слобода Ј.М.(64) од Пробиштип поради тоа што физички нападнал полициски службеник кој извршувал службени дејствија. По целосно документирање против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок.

 

На 31.05.2026 околу 04:25 во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Центар, М.М.(23) и Д.Ѓ.(27) двајцата од Скопје биле физички нападнати со тврди предмети од неколку непознати лица, а М.М. се здобил со тешки телесни повреди констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 30.05.2026 околу 21:30 часот  во СВР Скопје Т.Р.(19) од Скопје пријави дека на подрачјето на Бит Пазар тој, неговите татко и брат и уште седум лица од боречки клуб биле физички нападнати од Ј.Р., Б.Е. од друг боречки клуб и уште неколку други лица кои употребиле тврд и остар предмет како и стаклени предмети и истите се здобиле со повреди. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 30.05.2026 околу 23:40 часот 30-годишна жена пријави дека во домот на подрачјето на Кисела Вода дошол нејзиниот братучед и физички го нападнал нејзиниот сопруг, а нејзе ја допирал по телото, по што го напуштил местото на настанот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.    

На 31.05.2026 во 03:41 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Чаир настанал пожар во продажен објект. Пожарот бил изгаснат со противпожарен апарат од страна на вработен од обезбедување. Повредени лица нема. Излезено е на местото на настанот од полициски службеници од СВР Скопје.

 

На 30.05.2026 во 15:15 часот во СВР Скопје А.К.(20) од Скопје пријави дека на 26.05.2026 во угостителски објект на подрачјето на Центар, каде претходно работел, поради недоразбирање околу исплата на дневници бил физички нападнат од сопственикот на објектот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.


На 30.05.2026 во 15:30 часот, во СВР Скопје К.Т.(19) од Скопје пријави дека на профил од социјална мрежа добила заканувачки пораки од Л.Ј. со која се познавале од претходно. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 30.05.2026 во 21:34 часот 40-годишна жена пријави дека во Штип била опожарена нејзината куќа. Од страна на Територијалната противпожарна единица пожарот бил изгаснат. Повредени лица нема. Известен е јавен обвинител. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Штип и се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

На 31.05.2026 во 01:00 часот во СВР Штип Д.Г.(42) од Штип пријави дека во с.Таринци бил физички нападнат од две лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.


На 30.05.2026 околу 15:30 часот, во СВР Скопје Д.З.(49) од Скопје пријави дека во двор од куќа во с.Орман,скопско од заталкано зрно од огнено оружје била оштетена настрешницата каде имало паркирано патничко возило, а имало оштетување и на самото возило. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  


На 31.05.2026. година во 02:15 часот, кај месноста „Осломешка раскрсница“ во близина на Кичево, лишен од слобода е Е.В.(25) од Кичево кој агресивно се однесувал кон полициските службеници кои преземале службени дејствија а потоа и физички ги нападнал. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.


На 30/31.05.2026 во Скопје, на различни локации полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода М.Ж.(23) и Д.Г.(29) двајцата од Скопје затоа што кај нив се пронајдени и одземени марихуана, бела грутчеста материја и бела прашкаста материја. По целосно документирање на случаите против нив ќе следуваат соодветни поднесоци.

 

На 30.05.2026 година во 22:40 часот, полициски службеници од Полициското одделение Галате во село Градец запреле патничко моторно возило „форд“ со гостиварски регистарски ознаки, управувано од М.З.(22), во кое сопатник бил Х.Ш. (25), двајцата од село Градец. При преглед на возилото, во кутија од цигари, била пронајдена и одземена марихуана. Тие се лишени од слобода и задржани во полициска станица за понатамошна постапка и против нив ќе следува соодветен поднесок.

 

На 30.05.2026 во 09:25 часот во ОВР Демир Хисар  било пријавено дека во психијатриската болница во Демир Хисар, бил пронајден починат И.Г. од с. Дедино, радовишко кој бил пациент во истата.  Увид извршила увидна екипа од СВР Битола, а од страна на јавен обвинител наредена е обдукција врз телото на починатиот.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против Д.П.(50) од Делчево поради постоење основи на сомнение за сторени  кривични дела „неотстранување опасност“ и „неучество во отстранување општа опасност. Од советник во Отсек за оружје, експлозивни и опасни материи Штип-Делчево, на пријавениот во четири наврати му било укажано и наложено од паркинг простор кој се наоѓа до објект на Станица за снабдување на моторни возила со ТНГ, контејнер за празни и полни боци со ТНГ за домаќинства, да го отстрани патничкото возило „опел мерива“, кое таму го паркирал, а со цел да не дојде до предизвикување на опасност за животот или телото на луѓе или имот од значителен обем. Пријавениот се спротивставувал на наредбата и укажувањето од надлежен орган и не го отстранил возилото.  

 

СВР Битола поднесе кривична пријава против Н. Р. (22), М. И. (19), О. Н. (19), Л. Г. (19), А. Д. В. (18) и 15-годишник, сите од Битола поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „насилство“, „злоупотреба на лични податоци“, „неовластено снимање“ и „самовластие“. Во период од февруари 2025, пријавените, дејствувајќи организирано како група, преку креирани профили на социјални мрежи користеле лажен профил преку кој се претставувале како 14-годишна малолетничка и воспоставувале комуникација со машки лица, по што договарале средби на повеќе локации на подрачјето на Битола. По пристигнување на договорените локации, оштетените биле пресретнувани од членовите на групата, снимани без нивна согласност, навредувани, омаловажувани, психички малтретирани и принудувани да даваат изјави дека се „педофили“, а создадените видео записи и нивните лични податоци биле јавно објавувани на социјални мрежи, со што кај оштетените предизвикале чувство на страв, понижување и загрозување на нивната сигурност.

Мени за пристапност