Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 31.12.2025

Министерство за внатрешни работи Министерство за внатрешни работи

На 30.12.2025 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода И.К.(25), А.Б.(23), К.К.(37) и Л.Ѓ.(27), сите од Скопје, затоа што кај нив се пронајдени и одземени бела грутчеста материја, бела прашкаста материја и марихуана. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Н.И.(73) од с.Камењане, општина Боговиње, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „фалсификување или уништување деловни книги“ и „злоупотреба на службена положба и овластување“. Во периодот од 2000 до 02.01.2021, додека бил директор на земјоделска задруга во с.Камењане,  без законска основа и одллука од членовите било извршено незаконско бришење на основачи – акционери, при што бројот на членовите од 38 бил незаконски намален на пет лица со уништување и прикривање на документи, спротивно на тоа што стоело во тековната состојба од Централен регистар. Исто така, на 03.01.2010 во својство на директор, пријавениот склучил договор за закуп на деловен простор со површина од 1500 метри квадратни во с.Камењане, кое е доделено на трајно користење на земјоделската задруга, со другиот акционер за закуп во период од 10 години, без да има согласност од соодветно министерство, одлука на Управен  одбор и согласност на другите задругари, а од 2021 со усмен договор го користел без да плати закупнина, односно само ги подмирувал сметководителските давачки на земјоделската задруга каде и сега е сопственик.

 

На 30.12.2025 во 17:45 часот на Граничен премин Долно Блаце, полициски службеници го лишија од слобода Ф.И.(69) од с.Радуша, општина Сарај, затоа што при гранична контрола и проверки е констатирано дека евидира со мерка „апси“ по претходна наредба од Основен кривичен суд Скопје. Тој е предаден на полициски службеници за понатамошна постапка.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против правен субјект од с.Кадино, општина Илинден и В.А.(53) од с.Мирковци, скопско, управител на правниот субјект, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „повреда на правото од пријавен или заштитен пронајдок и топографија на интегрални кола“. На 29.01.2025, при извршена акциска контрола во подружница на пријавеното правно лице во Тетово, констатирано е дека лиценцата која ја поседува правниот субјект се појавува на 16 клубови на територија на државата, иако легално може да биде инсталирана само на еден уред, односно не може да биде пренесена на друг уред.     

 

На 30.12.2025 во 10:35 часот во СВР Тетово е пријавено дека на регионалниот пат с.Желино-Тетово, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „бмв“ со италијански национални ознаки, управувано од Љ.П.(44) од с.Голема Лешница, тетовско и патничко возило „фолксваген голф“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од Х.Љ.(40) од с.Добарце, тетовско, по што било удрено во паркирано патничко возило „јагуар“ со тетовски регистарски ознаки, паркирано од А.З.(31) од с.Требош, тетовско. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на  возилото „бмв“ Љ.П., додека со телесни повреди неговиот сопатник Ј.Е.(20), како и возачот од патничкото возило „голф“ и неговите сопатници Г.Ј.(41), Л.С.(43) и две деца на возраст од пет и шест години, констатирани во Клиничка болница Тетово. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Тетово.

 

СВР Штип поднесе кривична пријава против В.Ј.(47) од Штип, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 26.12.2025, полициски службеници извршиле претрес во неговиот дом, при што се пронајдени и одземени марихуана и МДМА таблети.

 

На 30.12.2025 околу 15:15 часот во ОВР Гостивар е пријавено дека во с.Долна Бањица, гостиварско, М.К.(69) од с.Долна Бањица, управувајќи трактор „имт“ со приколка, изгубил контрола и се превртел со тракторот. Од здобиените повреди, М.К. починал на местото на настанот, а лекар од Итна медицинска помош Гостивар, констатирал смрт. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е дадено на обдукција, а увид извршила увидна екипа на ОВР Гостивар.

 

На 31.12.2025 во 04:00 часот во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово го лишија од слобода Н.С.(25) од Куманово. Тој бил фатен веднаш откако заедно со уште едно лице на паркинг простор пред зграда на ул.„Лесковачка“ со остар предмет оштетиле гуми на патничко возило „фолксваген пасат“, сопственост на К.М.(46) од Куманово. Според пријавеното, тие повеќе пати оштетувале гуми на истото возило. По целосно расчистување и документирање на случаите ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

ОВР Кочани поднесе кривична пријава против В.П.(56) од Кочани, сопственик и управител на правно лице од Кочани, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“. Пријавениот, во просториите на правното лице држел три мермерни плочи за кои по извршена идентификација од страна на Комисија, формирана во Националната установа Археолошки музеј на Република Северна Македонија, е утврдено дека се археолошки наоди и дека се работи за оригинални артефакти кои потекнуваат од Османлискиот период, кои се културно наследство и истовремено вршел неовластени истражувања со цел да држи презентации за македонизмот и да остварува имотна и друга корист од тоа.    

 

На 30.12.2025 на Градскиот плоштад во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово ги приведоа  Б.А.(50) и А.А.(48), двајцата од Тетово и Х.М.(55) од с.Челопек, општина Брвеница, затоа што кај нив се пронајдени одземени пиротехнички средства. По документирање на случајот против нив ќе следуваат соодветни поднесоци.

 

ОВР Кочани поднесе кривична пријава против С.А.(33) и Љ.А.(39), двајцата од Кочани, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на животната средина и природата со отпад“. Пријавените подолг временски период наназад, па се до 04.12.2025, спротивно на прописите за животната средина и природата, складирале, оставале и расфрлале отпадни материи на ул.„Поп Арсов Блаже“ во Кочани, со што предизвикале влошување на условите за живот на луѓето кои живеат на наведената улица.

 

На 30.12.2025 во 09:50 часот на ул.„Прохор Пчински” во Битола, полициски службеници од СВР Битола го лишија од слобода Б.Џ.(42) од Битола. При претрес во неговиот дом се  пронајдени и одземени пиротехнички средства. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

 

СВР Штип поднесе кривична пријава против А.Ј.(29) од с.Таринци, општина Карбинци,  поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 26.11.2025 во просториите на Итната медицинска помош во Штип, пријавениот се однесувал агресивно и скршил стакло на шалтерот.   

 

На 30.12.2025 во 16:00 часот во СВР Скопје, 85-годишен маж од Скопје пријави дека бил измамен од две лица за сума на пари од 5.000 евра. Според пријавеното, тие околу 11:00 часот на подрачјето на Центар го пресретнале него, при што едниот се претставил дека бил од Хрватска кој работел во Кувајт и го прашале дали може да им покаже евра за да ги споредат со еврата што ги имаат. Како што е пријавено, тој ги зел парите од неговиот дом и им ги дал, а двете лица како гаранција му оставиле три алки наводно дијамантски да им ги чува, додека не му ги вратат парите. Исто така, според пријавеното, откако не се вратиле сфатил дека бил измамен. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

ОВР Кочани поднесе кривична пријава против О.С.А.(42) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „кражба“ и две кривични дела „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“ и против Д.Т.(39) од Кочани за продолжено кривично дело „помагање“ во врска со кривично дело „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“. Првопријавениот, на 04.10.2024 неовластено влегол во простории на Центар за дијализа во Кочани и од заклучен шкаф од две вработени лица одзел паричник со пари, две банкарски платежни и лични документи. Истиот ден, второпријавениот му помогнал на првопријавениот, употребувајќи ги одземените платежни картици од лицата и подигнал парични средства во вкупен износ од 40.300 денари.

 

На 30.12.2025 во 08:50 часот во СВР Скопје е пријавено дека во с.Глуво, скопско, по претходна расправија бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу 52-годишната М.М.Б. и М.Б.(28), двајцата од с.Глуво, од една страна и 66-годишната С.Ч. и Б.Ч.(44), двајцата од с.Мирковци, скопско, од друга страна, при што бил употребен и тврд предмет. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Г.У.(54) од Долно Палчиште, општина Боговиње, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „узурпација на недвижности’’ и „бесправно градење’’ на катастарска парцела во с.Долно Палчиште. Пријавениот изградил приземен објект на земјиште во државна сопственост и сопственост на лице од Тетово без да поседува дозвола за користење и без соодветна документација за градба.

 

На 30.12.2025 во 22:45 часот во СВР Скопје е пријавено дека на влез во с.Ајватовци,  општина Илинден на патот лежел повреден И.С.(43) од кривопаланечко село, со престој во скопско село. Од екипа на итна медицинска помош И.С. е пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Виница поднесе кривична пријава против А.Ј.(32) од Виница поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 04.10.2025 во Виница, пријавениот упатувал закани на М.К.(47) од Виница.

 

Мени за пристапност