Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 01.01.2026

Министерство за внатрешни работи Министерство за внатрешни работи

На 31.12.2025/ 01.01.2026 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода О.Р.(42), Б.М.(45), А.Т.(36), К.Г.(28), С.С.(25), сите од Скопје, како и К.Г.(19) од с.Катланово, скопско, А.П.(37) од Кавадарци, Р.П.(31) и К.С.(27), двајцата од Куманово и Г.С.Ф.(23) од Турција затоа што кај нив се пронајдени и одземени бела прашкаста материја, розева прашкаста материја, марихуана, дробилка и други предмети. По целосно документирање на случаите  ќе следуваат соодветни поднесоци.

 

На 01.01.2026 во 01:50 часот во СВР Тетово е пријавено дека на ул.„Браќа Миладиновци“ во Тетово, патничко возило „фолксваген голф“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од А.М.(22) од с. Шемшево, општина Јегуновце,  излетало од патот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот А.М. и неговата  17-годишна сопатничка Ќ.С. од с.Љубин, општина Сарај, констатирани во Клиничка болница Тетово. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

 

На 31.12.2025 во 19:15 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишија од слобода М.Н.(18) од Куманово затоа што при преглед кај него биле пронајдени над 500 парчиња разновидни пиротехнички средства. Тој е приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.

 

На 31.12.2025 во 12:40 часот во ОВР Прилеп е пријавено дека на ул.„Браќа Миладиновци“ во Прилеп се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „сеат“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од 38-годишната К.Ц. од Прилеп и друго патничко возило, кое по несреќата го напуштило местото. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила К.Ц., констатирани во Општа болница Прилеп. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Прилеп.   

 

На 31.12.2025 во 09:25 часот во СВР Скопје е пријавено дека при вршење ископ во с.Сопиште, скопско, била пронајдена  неексплодирана тенковска граната од Втората светска војна. Гранатата била безбедно подигната од пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување.

 

На 01.01.2025 во 01.45 часот на ул.„Широк сокак" во Битола, полициски службеници од СВР Битола од двајца 14-годишни малолетници од Битола одзеле околу 100 парчиња пиротехнички средства. По целосно документирање на настанот, против нив ќе следува соодветна пријава.

 

На 01.01.2026 во 03:17 часот во СВР  Битола, лекар од Итна медицинска помош Македонски Брод пријавил  дека кај со повреда на рака од огнено оружје е донесен Н. Н.(52) од Скопје. Со  возило  на  Итна медицинска помош, тој е пренесен во болницата „Борка Талески“ во Прилеп за укажување на лекарска помош. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 01.01.2026 во 01:11 часот во СВР Скопје е пријавено дека пред угостителски објект во Стара скопска чаршија“ бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка, при што две лица се здобиле со повреди од остар предмет. Полициски службеници излегле на местото и со повреди од остар предмет се пронајдени А.М.Д.(22) од Турција, кај кого во 01:30 часот лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, и Ч.Е.(23) од Турција, кој е пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување помош. Известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 31.12.2025 во 23:20 часот во Штип, полициски службеници од СВР Штип го лишија од слобода Р.Ч.(50) од Штип затоа што физички нападнал полициски службеник кој извршувал службени дејствија. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 31.12.2025 во 20:14 часот во СВР Скопје, од Ургентен центар при Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен И.Д.(30) од Скопје. Според пријавеното, тој под дејство на алкохол паднал од висина од трговски центар на подрачјето на Центар во Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.   

 

На  01.01.2026 во 00:10 часот во СВР  Штип е пријавено дека во Штип, на тврдината Исарот, при палење огномет  се повредил  В.Г.(69) од Гостивар, овластен пиротехничар од правен субјект од Гостивар, кој имал одобрение за изведба на огномет. Тој се здобил со тешка телесна повреда, констатирана во Клиничка болница Штип. За настанот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Штип, а увид извршила увидна екипа од СВР штип.

 

На 01.01.2026 во 00:05 часот во СВР Скопје, од Итна медицинска помош Скопје е пријавено дека на автобуска постојка на подрачјето на Центар е пронајдено починато машко лице без документација, наверојатно бездомник. Лекар констатирал смрт, а по насоки на јавен обвинител телото на починатиот е дадено на обдукција.

 

На 31.12.2025 во 23:26 часот во СВР Скопје,  од Ургентен центар при Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 12-годишник од Скопје. Според пријавеното, околу 23:00 часот во парк на подрачјето на општина Аеродором во Скопје, на малолетникот му пукнала петарда во рака, која ја тргнал со рака да не му падне на глава, а била фрлена од негов соученик.

 

На 31.12.2025 во 18:41 часот во СВР Штип, Л.Н.(27) од Штип пријави дека на 31.12.2025 околу 16:40 часот во семејниот дом бил физички нападнат од Р.Ч.(50) од Штип. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 01.01.2026  во 04:24 часот во СВР Штип е пријавено дека околу 04:20 часот пред трговски центар во Штип, А.Г.(19) бил физички нападнат од Ф.Н.(24), двајцата од Штип. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 31.12.2025 во 10:40 часот во СВР Скопје, Д.П.(42) од с.Волково, скопско, пријави дека на 30.12.2025 околу 22:30 часот во парк на подрачјето на населба Влае во Скопје, нејзината 16-годишна ќерка била физички нападната од двајца малолетници, кои ги познавала. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 31.12.2025 во 17:10 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го приведоа С.Т.(42) од Радовиш затоа што претходно на подрачјето на општина Аеродром во Скопје се однесувал агресивно и предизивикал нарушување на јавниот ред и мир помеѓу него и Г.М.(58), Т.Н.(21) и В.Н.(57), тројцата од Скопје, од друга страна. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 31.12.2025 во 17:45 часот во СВР Скопје е пријавено дека во катна гаража на подрачјето на Центар во Скопје, по претходна расправија, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Е.Х.(37) и А.Х.(26), двајцата од Скопје, од една страна и М.П.(46) од Сојузна Република Германија и А.М.(45) од Скопје, од друга страна. По целосно документирање на случајот ќе следуваат соодветни поднесоци.

 

На 31.12.2025 во 19:30 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје ги приведоа Л.Б.(32), К.М.(34) и К.Д.(34), тројцата од Скопје, затоа што  по претходна расправија за паркинг место на подрачјето на Центар во Скопје,  го нарушиле јавниот ред и мир со меѓусебна физичка пресметка. По целосно документирање на случајот ќе следуваат соодветни поднесоци.

 

На 31.12.2025 во 20:20 часот во СВР Скопје, Н.Ѓ.(30) од Скопје пријави дека околу 19:45 часот пред угостителски објект на подрачјето на Центар била физички нападната од едно женско лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 01.01.2026 во 04:15 часот по завршување на забава во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го приведоа Д.М.(34) од Валандово затоа што се однесувал агресивно кон полициски службеници додека извршувале службени дејствија. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 31.12.2025 во 22:20 часот во СВР Скопје, М.З. (41) од Скопје пријави дека околу 21:40 часот на подрачјето на Гази Баба во Скопје настанал пожар во неговата штала. Повредени лица нема, а екипа од Бригадата за противпожарна заштита Скопје го локализирала пожарот. Извршен бил увид од увидна екипа.

Мени за пристапност