На 29.12.2025 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода Ш.У.(63), Ш.К.(22), В.А.(39), И.Д.(40) и Т.В.(45), сите од Скопје, затоа што кај нив се пронајдени и одземени бела грутчеста материја и марихуана. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.
СВР Велес поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Велес, и М.А., раководител на финансиското одделение во општина Чашка, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. Првопријавениот Г.С., поранешен градоначалник на општина Чашка, во текот на 2021 и 2022 година во повеќе наврати свесно и со умисла ја ангажирал второпријавената да извршува работни задачи подолго од нејзиното работно време, иако работела со скратено работно време и согласно Законот за работни односи забрането е вршење на прекувремена работа за лице кое работи со скратено работно време. Второпријавената М.А., раководител на финансиското одделение во општина Чашка, и покрај известувањето од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија и Решението за скратено работно време од четири часа поради здравствени причини, прифатила да биде ангажирана, за што и биле исплатени парични средства во износ од 50.109 денари на штета на буџетот на општина Чашка.
На 29.12.2025 во 14:20 часот во ОВР Кавадарци е пријавено дека на ул.„Мито Хаџи Василев“ во Кавадарци, патничко возило „југо“ со кавадаречки регистарски ознаки управувано од Ц.П.(58) од Кавадарци, удрило во пешакот Д.К.(93) од Кавадарци. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во Општата болница Кавадарци. Извршен е увид од увидна екипа од ОВР Кавадарци.
На 29.12.2025 во СВР Битола е пријавено дека на 26.12.2025, пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување безбедно подигнал артилериска граната калибар 75 мм., која е пронајдена претходно при ископ на патот помеѓу селата Долно Српци и с.Вашарејца, општина Могила. Увид бил извршен.
СВР Штип поднесе кривична пријава против Н.Ј.(57) од с.Таринци, општина Карбинци, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“. На 29.05.2024 и 31.05.2024, пријавениот во својство на директор на Државен студентски дом „Браќа Миладиновци” во Штип, постапил спротивно на член 40 од Законот за јавни набавки и извршил плаќање на фактури со вкупен износ од 84.320 денари за сместување (ноќевање) за него и за учениците од Државниот студентски дом во два хотели во Охрид, без притоа да спроведе постапка за јавна набавка.
На 29.12.2025 во 20:50 часот во СВР Скопје, К.С.(44) од Скопје пријави дека околу 17:50 часот на подрачјето на Центар во Скопје, две лица со закана од остар предмет, на неговиот малолетен син му го одзеле велосипедот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против М.З.(71) од с.Чегране, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „узурпација на недвижности“. Во текот на април 2025 година, пријавениот во атар на с.Чегране зазел недвижност во државна сопственост, при што со бетонски ѕид заградил две парцели.
На 29.12.2025 во 12:15 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул.„Зендел Џемаил“ во Скопје настанал пожар во куќа, сопственост на И.С.(65) од Скопје, во која не живеел никој. Во пожарот е зафатена соба со дел од покуќнината, а повредени лица нема. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје, пожарот е изгаснат. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.
На 29.12.2025 во село Конче, општина Конче, полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Радовиш со судска наредба извршија претрес во домот на К.К.(38) од с.Конче. При претресот се пронајдени 105 парчиња пиротехнички средства. Истиот ден во село Ињево, радовишко, врз основа на судска наредба, полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Радовиш извршија претрес и во домот на И.К.(30) од село Ињево, при што се пронајдени 198 парчиња пиротехнички средства. По документирање на случаите, против двајцата ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Македонски Брод поднесе кривична пријава против Ш.Ф.(36) од с.Пласница, општина Пласница, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „повреда на избирачкото право“. На 18.10.2025, пријавениот во својство на претседател на избирачки одбор на гласачко место, за време на гласање во првиот круг од локалните избори на болните и изнемоштените лица, не ја запазил постапката за гласање во домашни услови и овозможил во име на болно лице да гласа неговиот син, и покрај тоа што болниот не бил дома, односно бил хоспитализиран.
На 29.12.2025 во 11:00 часот на ул.„9 Мај“ во Кочани, полициски службеници од ОВР Кочани го лишија од слобода Т.В.(50) од Кочани поради сомнение дека стореил кривично дело „одземање моторно возило“, односно дека одзел патничко возило „југо“ сопственост на К.Ѓ. од село Оризари, кочанско. Возилото е пронајдено и вратено на сопственикот, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ф.Ш.(65) од Тетово и И.А.(45) од с.Бродец поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. Пријавените во текот на 2025 година во атар на с.Гајре, тетовско изградиле шест бетонски столбови во зона на Национален парк „Шар Планина“ без претходно да обезбедат соодветна дозвола за градба од општина Тетово.
На 29.12.2025 во 10:20 часот во атар на с.Ботун, општина Дебрца, полициски службеници од СВР Охрид ги лишија од слобода А.И.(36) и А.И.(30), двајцата од струшкото село Делогожда. Тие се затекнати како со моторна пила вршат бесправна сеча на буково дрво и кое го товарале во патничко возило „нисан“ без регистарски ознаки. Возилото и дрвната маса се одземени и предадени на ЈП „Национални шуми“, а по целосно документирање на настанот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 29.12.2025 во 18:00 часот во Радовиш, полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Радовиш го лишија од слобода С.Ш.(37) од село Банско, струмичко, кој бил баран со наредба од Основен суд Велес за издржување на мерка притвор во траење од 30 дена за сторено кривично дело „разбојништво“. Лицето е спроведено во Казнено - поправната установа Затвор Скопје за издржување на мерката.
СВР Охрид поднесе кривична против Ј.А.(52) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „прикривање стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама“ по член 278 од Кривичниот законик. На 15.12.2025 во близина на с.Подмољје, општина Дебрца, полициски службеници од Мобилната единица за компензаторни мерки при Одделот за гранични работи и миграции при Министерството за внатрешни работи сопреле товарно возило „форд транзит“ со скопски регистарски ознаки, со кое Ј.А. вршел нелегален транспорт на поголема количина теписи и стази, по што беше лишен од слобода. Пронајдената стока, е предадена на Државниот пазарен инспекторат од Охрид за натамошна постапка.
На 29.12.2025 во 15:10 часот во ОВР Гостивар, од Ургентен центар Гостивар е пријавено дека кај нив со повреда на рака е донесен малолетник. Полициски службеници излегоа на местото и е констатирано дека се работи за осумгодишник од село Врапчиште, гостиварско, кој се здобил со повредите откако во раката му есплодирала петарда. По укажаната помош, поради сериозноста на повредите, тој е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 29.12.2025 во периодот од 14:40 до 19:15 часот во Тетово, на различни локации, полициски службеници од СВР Тетово ги приведоа А.М.(34), Н.Ф.(53), двајцата од Тетово и Н.Ј.(40) од с.Селце, тетовско, затоа што кај нив се пронајдени и одземени поголема количина на пиротехнички средства. По целосно документирање на случаите, против нив ќе следуваат соодветни пријави.
На 29.12.2025 во 17:00 часот во ОВР Македонски Брод, 45-годишник од Македонски Брод, пријавил дека бил измамен од Б.Р. од с.Сарај, скопско, за сума од 43.000 евра. Според пријавеното, во октомври 2025 година тие се договориле Б.Р. да му изврши градежни работи во смејната куќа во Македонски Брод и во семејната куќа во село во општина Македонски Брод, по што во неколку наврати му ја исплатил сумата. Како што е пријавено, откако ја извршил последната исплата лицето престанало да му се јавува на телефон, да избегнува контакт, не ја завршил работата и не му ги вратил парите, по што сфатил дека е измамен и настанот го пријавил. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 29.12.2025 во 19:40 часот во СВР Скопје, И.Д.(64) од с.Рашче, скопско, пријави дека во с.Рашче, додека се превезувале со возило управувано од неговиот син кој бил заедно со неговото семејство, на кровот од возилото паднало заталкано зрно од огнено оружје и го оштетило. Полициски службеници од СВР Скопје зрното било подигнато за понатамошна постапка. Се работи на расчистување на случајот.
На 29.12.2025 во 22:00 часот во Скопје, Г.Ч.(20) пријави дека пред казино на подрачјето на Кисела Вода, по претходно меѓусебно недоразбирање, бил физички нападнат од С.Т.(32) двајцата од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 28.12.2025 во 14.30 часот во СВР Скопје е пријавено дека пред продажен објект на подрачјето на Гази Баба, по претходно меѓусебно недоразбирање, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу А.З.(41) и Ф.А.(38), двајцата од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.