На 30/31.08.2026 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода З.Т.(26), Д.М.(32) и Д.Т.(31), сите од Скопје, затоа што кај нив се пронајдени и одземени бела прашкаста материја и марихуана. По целосно документирање на случаите, ќе следуваат соодветни поднесоци.
На 31.08.2026 во 03:20 часот во населба Млаки во Гостивар, полициски службеници од ОВР Гостивар го лишија од слобода Х.Х.(27) од село Добридол. При извршен преглед кај него се пронајдени и одземени марихуана и ризла. Тој е задржан во полициска станица и по документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
На 31.08.2026 во 01:40 часот кај наплатната станица Гостивар, полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Гостивар го лишија од слобода Б.М.(38) од Кичево. Тој бил затекнат како управува патничко возило „фолксваген голф“ со кичевски регистарски ознаки, без возачка дозвола. Лицето е приведено во полициска станица поради основи на сомнение за сторено кривично дело по член 297-а од Кривичниот законик, а возилото е одземено. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 30.08.2026 во 19:00 часот на ул.„Дабничка“ во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишија од слобода С.З.(47) од Прилеп, затоа што кај него била пронајдена марихуана. По документирање на настанот ќе следува соодветен поднесок.
На 30.08.2026 околу 20:00 часот во СВР Скопје е пријавено дека на општинскиот пат од с.Огњанци кон Петровец, патничко возило „рено“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 52-годишниот Б.П. од Скопје, удрило во пешакот М.Т.(28) од с.Р’жаничино, општина Петровец. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во Јавна здравствена установа „Свети Наум Охридски“ во Скопје. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.
На 30.08.2026 во 23:30 часот на улица „29 Ноември“ во Гостивар, полициски службеници од ОВР Гостивар го лишија од слобода Б.А.(34) од Гостивар, постапувајќи по претходна пријава од неговата 25-годишна сопруга дека физички ја нападнал. Тој е задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 30.08.2026 околу 14:00 часот во ОВР Прилеп е пријавено дека на ул.„Тетовска“ во Прилеп, 52-годишниот Т.П. од Прилеп, управувајќи мопед со прилепски регистарски ознаки, изгубил контрола и паднал на коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил Т.П., констатирани во Општа болница Прилеп. Извршен е увид од увидна екипа на ОВР Прилеп и по извршени проверки, било констатирано дека Т.П. е под дејство на алкохол, односно му биле измерени 1,03 промили алкохол во крвта. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.
На 31.08.2026 во 03:20 часот на ул.„Прилепски бранители“ во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишија од слобода М.Ш.(45) од с.Житоше, општина Долнени. При контрола во сообраќајот, полициските службеници сопреле возило „фолксваген голф" со прилепски регистарски ознаки, управувано од М.Ш., при што било констатирано дека го управувал под дејство на алкохол, односно измерени му биле 2,05 промили алкохол во крвта. По документирање на настанот ќе следува соодветен поднесок.
На 30.08.2026 во 17:30 часот на улица „Илинденска“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово лишија од слобода 16-годишник од Тетово. При сообраќајна контрола било сопрено патничко моторно возило „бмв“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од малолетникот, при што било утврдено дека го управувал без возачка дозвола. Возилото е одземено, а по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветен поднесок.
На 30.08.2026 во 17:45 часот, полициски службеници од ОВР Кичево го приведоа Е.Д.(28) од Кичево, постапувајќи по претходна пријава дека во семејниот дом физички ја нападнал неговата мајка. По целосно документирање на настанот, ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 30.08.2026 во 15:05 часот во Радовиш, полициски службеници го лишија од слобода Џ.А.(20) од Радовиш. При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници сопреле мопед со радовишки регистарски ознаки, кој го управувал Џ.А. и по преземени мерки било констатирано дека го управува без да поседува возачка дозвола. Мопедот е одземен, а за настанот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш. По документирање на случајот против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава.
ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против Д.Ј. (21), М.К. (19) и А.Т. (20), сите од Прилеп и 17-годишник од с.Пашино Рувци, општина Кривогаштани, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“, а против М.К. и поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 14.08.2026 во населба „Варош“ во Прилеп, пријавените физички го нападнале Н.П., нанесувајќи му повреди, додека второпријавениот преку апликација на социјална мрежа му упатувал ѝ закани.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Ресен, поднесе кривична пријава против А.А.(36) од Прилеп и 32-годишната С.А. од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,телесна повреда“. На 23.07.2026 во Ресен, пријавените физички и со дрвен предмет ја нападнале нивната 15-годишна ќерка.
На 31.08.2026 околу 02:45 часот во СВР Куманово е пријавено дека околу 02:40 часот на локалниот пат од населба Карпош, кумановско, кон село Никуљане, општина Старо Нагоричане, од мопед во движење, на кој се превезувале две лица, биле испукани неколку куршуми од огнено оружје кон патничко возило „ауди“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Д.Д.(34) од Куманово. Повредени лица нема. Екипа од СВР Куманово извршила увид на местото и се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за расчистување на случајот.
На 30.08.2026 во 19:50 часот во с.Инџиково, скопско, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Ф.А.(20) од населба Илинден, скопско. При сообраќајна контрола полициските службеници сопреле патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека Ф.А. го управувал возилото без претходно да стекне со право на управување. За настанот е известен јавен обвинител, а по целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.
На 30.08.2026 во 15:00 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода Д.А.(56), Д.А.(18) и 51-годишната К.А., сите од Скопје. Според пријавеното, претходно на подрачјето на Шуто Оризари бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу приведените лица од една страна и Ш.А.(20) и неговата мајка, двајцата од Скопје, од друга страна, во која Д.А. со остар предмет му нанел повреда на Ш.А.. По целосно документирање на случајот ќе следуваат соодветни поднесоци.
На 30.08.2026 во 14:00 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода З.С.(26) од Скопје. При сообраќајна контрола на бул. „Партизански одреди“, полициските службеници сопреле патничко возило „фиат“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека З.С. го управувал возилото без претходно да стекне со право на управување. За настанот е известен јавен обвинител, а по целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.
На 30.08.2026 во 20:45 часот во СВР Куманово, 43-годишна жена пријави дека во дворот од семејна куќа во село во општина Ранковце била физички нападната од нејзиниот сопруг Т.А.(46). По целосно документирање на случајот, против Т.А. ќе биде поднесен соодветен поднесок.
На 30.08.2026 во 17:45 часот во СВР Скопје, од Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен А.К.(49) од с.Студеничани, скопско. Според пријавеното, околу 15:00 часот, додека извршувал работни задачи во објект во изградба на подрачјето на Карпош, му се слошило и паднал од висина. За настанот се известени јавен обвинител и трудов инспектор.
На 30.08.2026 во 10:45 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Ј.Д.(40) од с.Јурумлери, скопско. При сообраќајна контрола на локалниот пат с.Петровец – с.Идризово, скопско, полициските службеници сопреле патничко возило „ауди“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека Ј.Д. го управувал возилото без претходно да стекне со право на управување. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.
На 30.08.2026 во 10:45 часот во СВР Скопје е пријавено дека околу 10:30 часот на подрачјето на Средно Водно во Скопје, настанал пожар во автобус на ЈСП Скопје, кој сообраќал на линија од Средно Водно кон Транспортен Центар. Повредени лица нема, а екипа од Бригадата за противпожарна заштита Скопје го изгаснала пожарот. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.
На 30.08.2026 во 14:30 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Б.М.Х.(24) од Скопје. При сообраќајна контрола на ул.„Горно Лисиче“, полициските службеници сопреле мотоцикл со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека Б.М.Х. го управувал мотоциклот без претходно да стекне со право на управување. За настанот е известен јавен обвинител, а мотоциклот бил одземен. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Крива Паланка поднесе кривична пријава против Б.С. (52) и А.С.(24), двајцата од Крива Паланка и правно лице од Крива Паланка поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“. Пријавените лица набавиле производи со различни заштитени трговски марки, без притоа да имаат склучено договор со компаниите-сопственици на брендовите или со нивни овластени застапници/претставници на територијата на државата, при што производите ги изложиле за продажба во деловните простории на пријавеното правно лице.
На 30.08.2026 во 14:50 часот во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ - Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода О.С.А.(42) од Штип. Околу 13:55 часот во просторија за вработените на една од клиниките тој одзел паричник и други предмети од вработената Т.Д.(56) од Скопје, која го затекнала во просторијата, а откако се обидела да го спречи во намерата, физички ја нападнал. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.
На 30.08.2026 во 21:00 часот во СВР Скопје, З.А.(61) од Скопје пријави дека околу 05:55 часот на автобуска постојка на подрачјето на Центар во Скопје, едно машко лице, кое претходно се обидело да изврши кражба од неговиот дом, се обидело да го нападне со тврд предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 30.08.2026 во 18:00 часот во СВР Скопје, 56-годишна жена од Скопје пријави дека околу 16:00 часот во двор од куќа, по претходно недоразбирање, била физички нападната од нејзиниот брат Б.И.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 29.08.2026 во 20:45 часот во СВР Скопје е пријавено дека во Градски Парк во Скопје настанал пожар, при што бил зафатен дел од кровна конструкција на објект-работилница во сопственост на Јавно претпријатие „Паркови и зеленило“. Од Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот е изгаснат, а повредени лица нема. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.
На 30.08.2026 во 05:15 часот, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Н.А.(35) од с.Арачиново, скопско, постапувајќи по претходна пријава дека упатувал закани на неговата поранешна 29-годишна партнерка од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 30.08.2026 во 10:30 часот во СВР Скопје 20-годишна девојка од скопско пријави дека на 29.08.2026 околу 23:00 часот во семејниот дом во скопско, таа и нејзината мајка, по претходна расправија, биле физички нападнати од нејзиниот татко, при што ѝ го оштетил мобилниот телефон. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.