Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 30.10.2026

Извадок на дел од дневните настани 30.10.2026

 

На 29.10.2026 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода Ј.Р.(39) од Скопје, К.М.(32) од с.Трубарево, скопско и Д.А.(39) од с.Петровец, скопско, затоа што кај нив се пронајдени и одземени бела прашкаста материја и марихуана. По целосно документирање на случаите, ќе следуваат соодветни поднесоци.

 

На 29.10.2026 во 16:00 часот во ОВР Гостивар е пријавено дека на регионалниот пат  с.Градец, гостиварско - с.Пирок, тетовско, 17-годишник од с.Градец, управувајќи електричен тротинет изгубил контрола и паднал. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил малолетникот, додека со телесни повреди неговиот 15-годишен сопатник од с.Градец, констатирани во Ургентен центар во Гостивар. Извршен е увид од увидна екипа на ОВР Гостивар.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Свети Николе поднесе кривична пријава против В.С.(40) од с.Баница, струмичко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривичното дело „загрозување на сигурноста“. На 01.10.2026 и на 13.10.2026 во куќата во светиниколско село во која живее неговата поранешна вонбрачна партнерка, пријавениот упатил закани на неа, нејзините деца и нејзините родители.

 

На 29.10.2026 во Тетово, полициски службеници лишија од слобода 17-годишен и 16-годишен малолетник од Тетово. Околу 12:30 часот во близина на трговски центар во Тетово, двајцата малолетници физички го нападнале М.Ш.(62) од с.Одри, тетовско и му одзеле пари. 62-годишникот успеал да  го задржи 17-годишникот, при што тој со остар предмет му нанел повреда. Во моментот на настанот поминувала полициска патрола и го лишиле од слобода напаѓачот. Подоцна, по преземени мерки, во 16:15 часот на ул.„Вон Вадарска“ во Тетово бил пронајден и лишен од слобода и 16-годишникот. Тие се задржани во полициска станица, бил известен јавен обвинител и по документирање на случајот против нив ќе следува соодветен поднесок.

 

На 29.10.2026 во 09:00 часот на ул.„18 Ноември“ во Гостивар, полициски службеници од ОВР Гостивар го лишија од слобода Г.К.(38) од с.Долна Бањица. Тој се сомничи дека сторил повеќе кривични дела „кражба“ во текот на минатиот и овој месец на подрачјето на Гостивар. Лицето е задржано во полициска станица и по документирање на случаите против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

ОВР Кратово поднесе кривична пријава против Д.М.(41) од Кратово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи’’. На 30.06.2026, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени патрони од ловечка муниција со различен калибар, за кои не поседувал дозвола.

 

На 29.10.2026 во 10:45 часот во тетовско село, полициски службеници од Полициското одделение Јегуновце го лишија од слобода К.Т.(60), постапувајќи по претходна пријава дека физички го нападнал неговиот 30-годишен син по кратка расправија во семејниот дом. Тој е задржан во полициска станица и по документирање на случајот против него ќе следува соодветен поднесок.

 

СВР Велес поднесе кривична пријава против П.М.(40) од Албанија поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „криумчарење на мигранти“. На 27.10.2026 во близина на место викано „Острово“ било сопрено патничко возило „фолксваген туран“ со албански национални ознаки, управувано од пријавениот, при што биле пронајдени мигранти. 

 

СВР Струмица-ОВР Радовиш, до ОЈО ГОКК, поднесе кривична пријава против Б.Ч.(31) од село Конче, радовишко, поради постоење на основи на сомнение дека сторил кривично дело „фалсификување службена исправа“ по член 361 и против Б.Б.(38) од Радовиш дека сторил кривично дело „соизвршителство“ по член 22, а во врска со „фалсификување службена исправа“ од Кривичниот законик. На 13.10.2026, пријавените,  полициски службеници од ОВР Радовиш, изготвиле и приложиле службен извештај со невистинити податоци. Имено, по завршување на службената задача која им била доделена, подготвиле извештај во кој навеле период од смената во кој не постапувале по наредбата, а во делот за контролирани возила внеле податок дека имаат извршено контрола над седум возила. Таквиот извештај бил потпишан од одговорниот полициски службеник, првопријавниот Б.Ч.. Во прилог на писмениот извештај доставиле табеларен преглед во кој имале внесено податоци за контролирани возила со марка, регистарски ознаки и лице кое го управувало, а времето на контрола кај дел од возилата било во период за кој претходно сами писмено во извештајот навеле дека не постапувале по задачи од наредбата. Од дополнително преземените мерки и извршени разговори со лицата наведени како возачи е утврдено дека на тој датум не биле запрени и контролирани од полициски службеници.

 

Во текот на изминатото деноноќие, на различни локации во државата, полициски службеници лишија од слобода четири возачи поради сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297-а од Кривичниот законик. Од нив, две лица управувале возило без положен возачки испит и тоа: малолетник од Скопје и П.К.(40) од с.Алгуња, општина Старо Нагоричане. Под дејство на алкохол возел Н.Т.(19) од Кичево, кој претходно учествувал во сообраќајна незгода. Додека, М.А.(34) од с.Злетово, пробиштипско, управувал возило иако имал изречена активна забрана за управување со возило. По целосно документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

 

На 29.10.2026 во 04:10 часот во Велес, полициски службеници од СВР Велес го лишија од слобода А.Д.(25) од Велес. Тој се сомничи дека од работилница во Велес одзел алати, а од домот на 28-годишен велешанец со употреба на сила одзел разни предмети. Дел од одземеното било пронајдено и ќе биде вратено на сопствениците А.Д. бил задржан во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 29.10.2026 во с.Сопотница, демирхисарско, по наредба од Основен суд Битола, полициски службеници од ОВР Демир Хисар извршиле претрес во домот на И.К.(25) од с.Сопотница, при што биле пронајдени и одземени два пиштоли. По целосно документирање на настанот ќе следува соодветна пријава.

 

ОВР Дебар, до Основното јавно обвинителство Кичево, поднесе посебен извештај против тројца малолетни деца од Дебар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „кражба“ по член 235 од Кривичниот законик. На 19.10.2026 од автоплац на улица „Јусуф Грвала“ во Дебар, тие одзеле патничко моторно возило „форд фиеста“ со дебарски регистарски ознаки, сопственост на А.Г.(37) од Дебар, кое било оставено незаклучено со клуч на брава. По преземени мерки, малолетниците со нивни родители и претставници на Центарот за социјални работи Дебар се повикани во ОВР Дебар каде се извршени службени разговори.

 

На 29.10.2026 во 14:18 часот во СВР Скопје е пријавено дека со употреба на сила и алат било влезено во магацин на приватна фирма во населба Илинден, општина Илинден, при што биле одземени повеќе кутии со расклопени мотоцикли.  Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 29.10.2026 во 10:04 часот во СВР Скопје, од Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје е пријавено дека на Клиниката за кардиохирургија починал Б.Х.Г.В.П.(72) од Франција, со престој во хостел на подрачјето на Бутел, кој претходниот ден бил донесен во тешка здравствена состојба. По насока на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено во Судската медицина за обдукција.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против А.Ј.(51) од с.Форино, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. На 13.08.2026 во заедничкиот двор на пријавениот и В.А., по претходно нерасчистени имотно-правни односи, се обиделе да се пресметаат со остри предмети.

 

На 29.10.2026 во 11:00 часот во СВР Скопје е пријавено дека на 28.10.2026 околу 01:20 часот со употреба на сила било влезено во аптека на подрачјето на Центар во Скопје и биле одземени пари од касата. Се преземаат мерки за расчистување  на случајот.

 

На 29.10.2026 во 21:00 часот во СВР Скопје, 43-годишник од Скопје пријави дека на  28.10.2026 околу 18:30 часот на паркинг простор на подрачјето на Центар во Скопје, по претходни недоразбирања, бил физички нападнат од М.П. - брат на неговата сопруга. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 29.10.2026 во 17:40 часот во СВР Скопје, А.Х.(25) од Скопје пријави дека околу 17:00 часот на женски пазар на подрачјето на Бит Пазар во Скопје бил физички нападнат од   едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Б.И.(35) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување на општа опасност“. На 13.03.2026, по преземени мерки било утврдено дека пријавениот опожарил патничко возило.

Мени за пристапност