СВР Велес поднесе кривична пријава против Д.Т.(36) од Велес поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 04.11.2025 во населба Превалец, полициски службеници извршиле контрола на такси возило, во кое пријавениот бил сопатник, при што кај него бил пронајден и одземен кокаин.
СВР Штип поднесе кривична пријава против Д.Д.(40) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „загрозување на сигурноста“ и „предизвикување општа опасност“. На 30.05.2026 преку социјална мрежа, пријавениот упатувал закани на неговата вонбрачна партнерка, а потоа во дворот од нејзината куќа со запалива течност предизвикал пожар.
СВР Штип поднесе кривична пријава против Б.А.(20) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство врз дете“. На 18.02.2026 на паркинг простор во Штип, пријавениот заедно со уште три лица физички нападнале 17- годишник и му нанеле повреди.
СВР Струмица поднесе кривична пријава против К.А.(53) од с.Ангелци, општина Василево, поради постоење основи на сомнение за сторени две кривични дела „загрозување на сигурноста“ и „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. Преку социјална мрежа, пријавениот промовирал и поттикнувал омраза и насилство кон едно лице.
На 29.06.2026 околу 12:40 часот во СВР Куманово е пријавено дека на ул.„Доне Божинов“ во Куманово се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „сеат ибица“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од А.А.(64) од Куманово и мотоцикл со кумановски регистарски ознаки, управуван од Д.С.(49) од Куманово. Од здобиените повреди на местото на несреќата починал мотоциклистот, а лекар констатирал смрт. Извршен е увид од јавен обвинител и увидна екипа на СВР Куманово.
На 29.06.2026 во СВР Скопје е пријавено дека околу 05:30 часот на автопатот „Пријателство“, на сервисната улица која го поврзува со Меѓународен аеродром Скопје, патничко возило „нисан“ со српски национални ознаки, управувано од Н.Ѓ.(33) од Србија, удрило во метална ограда и се превртело. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот и неговата сопатничка А.Ѓ.(26) од Србија, додека со телесни повреди се здобило нивното двегодишно дете, констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Извршен е увид од јавен обвинител и увидна екипа на СВР Скопје.
На 29.06.2026 во 13:40 часот во СВР Скопје е пријавено дека во населба Бардовци, скопско, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „тојота“ со скопски регистарски ознаки, управувано од И.Х.(34) од Скопје и мотоцикл со скопски регистарски ознаки, управуван од С.Ѓ.(59) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани на Ургентен центар при комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.
На 29.06.2026 во 13:30 часот во СВР Струмица е пријавено дека на локалниот пат од с.Робово до с.Муртино, струмичко, патничко возило „опел корса“ со струмички регистарски ознаки, управувано од А.Т.(22) од Струмица, со место на живеење во с.Мокриево, струмичко, излетало од патот и удрило во пластеници, сопственост на К.И. од с.Муртино. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката У.Т.(62) од с.Мокриево, струмичко, констатирани во Медицински центар Струмица. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Струмица.
На 29.06.2026 во 13:10 часот, полициски службеници од ОВР Неготино извршиja службен разговор со И.Д.(28) од Неготино. Тој се сомничи дека од плац на градежна фирма во Неготино одзел разни предмети. Дел од одземеното било пронајдено и вратено на сопственикот и по документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 29.06.2026 во 05:10 часот на улицата „Коста Абраш“ во Охрид, полициски службеници од СВР Охрид го приведоа Т.Н.(21) од Полска, затоа што претходно во угостителски објект под дејство на алкохол го нарушил јавниот ред и мир со агресивно однесување. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 29.06.2026 во 20:00 часот, полициски службеници од Полициското одделение Теарце го лишија од слобода А.Б.(34) од с.Слатино, тетовско, постапувајќи по претходна пријава од И.С. дека околу 15:30 часот во неговиот угостителски објект во селото ги уценувал него и неговиот син и им барал пари, а подоцна и со остар предмет се заканувал на неговиот син. Toj е задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.
На 29.06.2026 во 23:30 часот во СВР Скопје, З.Б.(41) од Скопје пријави дека на подрачјето на Шуто Оризари, таа и нејзиниот малолетен син биле физички нападнати од Џ.Б.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 29.06.2026 во 12:00 часот во СВР Скопје е пријавено дека во с.Горно Блаце, на патот кој води кон с.Долно Блаце, настанал пожар при што биле опожарени нискостеблеста шума, сува трева, стара викенд куќа и една напуштена помошна просторија, сопственост на Е.Ч.(57) од с.Визбегово, скопско. Пожарот бил изгаснат од Бригадата за противпожарна заштита Скопје, а повредени лица нема.
На 30.06.2026 во 00:45 часот, полициски службеници од СВР Битола го лишија од слобода Г.М.(37) од Штип затоа што агресивно се однесувал кон полициски службеници кои вршеле службени дејствија. По документирање на настанот, против него ќе следува соодветна пријава.
На 30.06.2026 околу 02:40 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Ѓорче Петров бил опожарен објект сопственост на И.К.(51) од Тетово. Повредени лица нема и се преземаат мерки за расчистување на случајот.