Извадок 30.04.2026
СВР Велес поднесе кривична пријава против Е.В.(39) од Неготино поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 01.10.2025 кај Башино село, полициски службеници извршиле преглед на паркирано патничко возило, во кое бил пријавениот, при што бил пронајден и одземен кокаин.
Одделението за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија Куманово поднесе кривична пријава против М.Р.(35) од Косово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“. На 25.04.2026 на Граничен премин Табановце, на влез во државата, пријавениот на увид приложил фалсификувана шведска возачка дозвола.
СВР Штип поднесе кривична пријава против Б.В.(54) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. Во периодот од 12.03.2026 до 16.03.2026 на објави на социјални мрежи, пријавениот објавувал коментари со кои промовирал и поттикнувал омраза и насилство.
СВР Штип поднесе кривична пријава против П.Р.(21) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“. На 06.03.2026, пријавената, без согласност и дозвола на едно лице, неовластено навлегла во банкарскиот систем преку банкомат додека се уште била активна сесијата од бесконтактната најава со банкарската картичка и извршила трансакција, при што се стекнала со противправна имотна корист од 11.000 денари.
На 29/30.04.2026 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода З.Н.(37), Г.Ј.(52) и Д.М.(30) сите од Скопје, како и З.Т.(42) од с.Волково, скопско, затоа што кај нив се пронајдени и одземени бела прашкаста материја и марихуана. По целосно документирање на случаите против нив ќе следуваат соодветни поднесоци.
На 30.04.2026 во 06:23 часот во ОВР Прилеп e пријавено дека на ул. „Леце Котевски" во Прилеп се случила сообраќајна несреќа помеѓу автобус со прилепски регистарски ознаки, управуван од Г.К..(62) од Прилеп и мотоцикл „хонда" без регистарски ознаки, управуван од В.Б.(19) од с.Големо Коњари, прилепско. По несреќата, В.Б. бил пренесен во Градска болница- Прилеп, каде од страна на доктор била констатирана смрт. Увидот го извршила увидната екипа на ОВР Прилеп.
На 29.04.2026 во 09:00 часот, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишија од слобода О.С.(55) од Прилеп. Врз основа на судска наредба од Основен суд Прилеп, извршен е претрес во домот и други помошни простории во Прилеп, сопственост на О.С., при што пронајдени биле еден гасен пиштол со рамка, како и куршуми и чаури различен калибар.По документирање на настанот ќе следува соодветен поднесок.
На 29.04.2026 полициски службеници од СВР Тетово лишиле од слобода 15-годишник од с. Желино, постапувајќи по пријава истиот ден во 16:40 часот од Клиничка болница Тетово дека кај нив биле донесени А.К. (19) и М.А. (18) со повреди од остар предмет. По преземени мерки, утврдено е дека тие пред средно училиште во Тетово биле нападнати со остар предмет од 15-годишникот, кој исто така се здобил со повреди. Извршен е увид на местото на настанот и при тоа пронајдени се нож и штрафцигер, Известен јавен обвинител и по документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 30.04.2026 во 09:05 часот, полициски службеници од СВР Велес го лишија од слобода М.Џ.(51) од Велес, по претходна пријава дека во близина на градскиот пазар во Велес допирал по телото малолетничка. М.Џ. е приведен во полициска станица, известен е јавен обвинител и по документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 29.04.2026 во 23:30 часот во СВР Скопје М.К.(18) од Скопје пријави дека околу 22:30 часот на подрачјето на Чаир бил физички нападнат од едно лице, кое го познавало. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 29.04.2026 во 21:15 часот во СВР Скопје И.С.(51) од Скопје пријави дека околу 19:00 часот на подрачјето на Шуто Оризари едно лице одзело мобилен телефон од неговиот малолетен син. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
СВР Куманово поднесе кривична пријава Ф.Р. од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори’’. На 21.10.2025 во Куманово, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.
На 29.04.2026 во 06:30 часот во Скопје, на подрачјето на Карпош, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Р.Е.(35) од Скопје, откако по претходна пријава за нарушен јавен ред и мир, тој агресивно се однесувал и се заканувал дека ќе се самоповреди со остар предмет, а потоа нападнал полициски службеник. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
СВР Скопје поднесе кривична пријава против Љ.И.(35) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „телесна повреда“, „загрозување на сигурноста“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 02.04.2026 во семејниот дом, по претходна расправија, пријавениот физички ја нападнал неговата сопруга. Подоцна, извршен е претрес во неговиот дом и биле пронајдени и одземени пиштол „застава“ и куршуми, кои ги поседувал без дозвола.
На 29.04.2026 во 11:15 часот во СВР Скопје Н.Ј.(32) од Скопје пријави дека на 28.04.2026 околу 22:00 часот во угостителски објект на подрачјето на Гази Баба нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 29.04.2026 во 15:40 часот во СВР Скопје Г.К.(41) пријави дека на 26.04.2026 околу 23:00 часот во с.Долно Свиларе, скопско, неговиот малолетен син бил физички нападнат од страна на неколку малолетници, а бил употребен и тврд предмет. Еден од нив настанот го снимал со мобилен телефон, а потоа видео материјалот бил објавен на социјална мрежа. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
На 29.04.2026 во 22:24 часот во СВР Скопје М.М. (42) од Скопје пријави дека околу 21:30 часот на подрачјето на Шуто Оризари, неговиот малолетен син бил физички нападнат од А.„Н“.. Се работи на расчистување на случајот.
На 30.04.2026 во 04:15 часот во СВР Скопје, вработен како обезбедување во казино на ул.„Јадранска магистрала“ пријави дека околу 04:06 часот слушнал експлозија надвор од казиното и кога излегол забележал оган на паркингот до казиното, по што со противпожарен апарат го изгасил огнот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 29.04.2026 во 11:20 часот во СВР Скопје 73-годишен скопјанец пријави дека околу 10:15 часот на Плоштад Македонија во Скопје, бил измамен од две машки лица, при што бил оштетен за сума од 4.000 денари. Според пријавеното, двете лица му пришле, а едниот од нив му рекол да му даде пари затоа што наводно неговата сопруга се лекувала во болница и итно им биле потребни пари, а како залог му оставил предмет за кој му рекол дека е дијамант. Но, подоцна сфатил дека бил измамен. Се работи на расчистување на случајот.
ОВР Радовиш поднесе кривична пријава против С.В.(29) и П.К.(39), двајцата од Радовиш, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „овозможување на употреба наркотични дроги“ и „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. Првопријавениот С.В. од второпријавениот П.К. купил марихуана и на 03.10.2025 на место викано Брез, во неговото возило овозможил на едно лице да ја користи, а дрогата била пронајдена при преглед кај нив и во возилото.
На 29.04.2026 во 19:10 часот во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го лишија од слобода И.С. (67) од Тетово, постапувајќи по пријава од неговата 25-годишна ќерка дека во нивниот семеен дом физички ја нападнал, а употребил и тврди предмети. По документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 30.04.2026 во 00:30 часот во Охрид, полициски службеници од СВР Охрид го лишија од слобода К.В.(36) од Охрид, постапувајќи по претходна пријава од неговата 65-годишна мајка, дека на 29.04.2026 околу 21:00 часот во семејниот дом агресивно се однесувал кон неа, како и кон својата сопруга, при што им упатил закани и ги избркал од домот. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.
На 30.04.2026 година, во 06:18 часот, во СВР Штип e пријавено дека во основно училиште на подрачјето на Штип, едно лице насилно влегло во просторија на училиштето, при што оштетило дел од инвентарот (монитори) и испишало графит со недолична содржина. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.