На 30.04./01.05.2026 во Скопје, на различни локации полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода Ш.М.(42), А.А.(37), В.Б.(30), Д.С.(30) и В.Ф.(20), сите од Скопје, затоа што кај нив се пронајдени и одземени марихуана и прашкаста материја. По целосно документирање на случаите, против нив ќе следуваат соодветни поднесоци.
СВР Штип поднесе кривична пријава против Ѓ.Б.(74) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство врз дете“. На 21.03.2026 во маркет во Штип, пријавениот физички нападнал дете.
ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против Р.В.(45) и О.Е.(30), двајцата од Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „кражба“ на дрва. На 02.12.2025 во с.Слепче, полициски службеници ги затекнале пријавените како вршат бесправна сеча на огревни дрва.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Т.М. од тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста’’ и „телесна повреда’’. На 21.04.2026, пријавениот физички ја нападнал неговата поранешна сопруга и ѝ нанел повреда.
На 30.04.2026 во 10:00 часот во СВР Битола е пријавено дека во туристичката населба во с.Отешево, ресенско, во водите на Преспанското езеро била пронајдена граната. Од страна на пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување Битола, гранатата е безбедно подигната и утврдено е дека се работи за минофрлачка граната 75 мм од Првата светска војна.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против Б.Х.(51) од с.Велешта поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ и „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. Полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени автоматска пушка со рамка и куршуми, пиштол со рамка и куршуми, револвер, додека при преглед над пријавениот била пронајдена и одземена бела грутчеста материја.
На 01.05.2026 во 01:30 часот во СВР Скопје Д.К.(40) пријави дека на 30.04.2026 на подрачјето на Центар, бил физички нападнат од женско лице, со која се познавале, а при тоа од неговото возило таа му одзело торбичка во која имало пари и други предмети. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 30.04.2026 во 20:30 часот во СВР Скопје 23-годишна жена пријави дека на подрачјето на Гази Баба била физички нападната од нејзиниот поранешен партнер Д.Т.. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 30.04.2026 во 08:55 часот во ОВР Кочани од Итната медицинска помош било пријавено дека кај нив со повреди од огнено оружје бил донесен А.Г.(43) од Кочани, кој, според пријавеното, самиот се повредил со воздушна пушка. Тој бил препратен во Клиничкиот центар Штип, а извршен е увид и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 30.04.2026 во 23:00 часот во ОВР Кочани е пријавено дека во Кочани бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу З.Н.(42) и Е.М.(27) од една страна и А.Т.(49), И.Х.(43) и А.С.(30) од друга страна, сите од Кочани. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 30.04.2026 во 15:40 часот во СВР Тетово е пријавено дека на крстосницата помеѓу бул. „Илинденска“ и ул. „Гостиварска“ во Тетово, патничко возило „фолксваген голф“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од Б.М. (29) од с. Пирок удрило во пешакот С.Н. (74) од Тетово. При тоа, пешакот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничка болница Тетово. Увид на лице место извршила екипа од СВР Тетово.
На 30.04.2026 во 14:00 во СВР Скопје Х.Т.(54) од Скопје пријави дека од месец декември 2025 до 30.04.2026 преку социјална мрежа и биле упатувани закани од Т.А. (женско лице), а пред две недели била и физички нападната од неа, но не го пријавила настанот. Според пријавеното, Т.А. преку социјални мрежи ги вознемирувала и сопругот и синот на пријавителката. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против Д.Л.(38) од с.Лескоец, охридско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 19.03.2025 на паркинг простор во Охрид, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.