СВР Куманово поднесе кривична пријава против Џ.Џ. од с.Лопате, кумановско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори’’. Полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.
ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против В.Л.(34) од с.Воѓани, општина Кривогаштани, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“ и „напад на службено лице при вршење работи од безбедноста“. На 05.04.2026 во спортска обложувалница, пријавениот физички го нападнал Т.П. од с.Воѓани, а подоцна физички нападнал еден од полициските службеници кои преземале мерки во врска со настанот, односно за негово приведување.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против М.М.(35) од гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на лични податоци“. На 14.04.2026 на нејзин профил на социјална мрежа, пријавената објавила фотографии и текст со навредлива содржина за угледот и честа на сопругата на нејзиниот поранешен партнер и нејзиното семејство.
ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против А.Ќ.(37) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „кражба“ на дрва. На 12.12.2025, полициски службеници, на имот на пријавениот забележале нежигосани дабови дрва, како и патничко возило „лада“ без регистарски таблички. Известена била шумската полиција која констатирала дека пријавениот немал соодветна документација за дрвата, а возилото му служело за извршување на кривичното дело.
На 28/29.04.2026 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода И.Е.(30), Ќ.Д.(20), Ш.Н.(20), Е.М.(31), С.Ф.(38), сите од Скопје, Д.Ј.(22) од с.Студеничани, скопско и И.М.(27) од с.Морани, скопско, затоа што кај нив се пронајдени и одземени бела грутчеста материја, марихуана и дробилка. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.
На 28.04.2026 околу 22:25 часот во СВР Скопје е пријавено дека на крстосница од ул.„Благоја Стефковски“ и ул.„Методија Андонов Ченто“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „форд фокус“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ј.(26) и мопед со скопски регистарски ознаки, управуван од Н.С.(32) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на мопедот, додека со телесни повреди неговиот сопатник Е.Б.(40) од с.Долно Количани, скопско, констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.
На 28.04.2026 во 07:50 часот во СВР Тетово е пријавено дека на бул.„Илинденска“ во Тетово, патничко возило „фолксваген пасат“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од Б.Р.(54) од Тетово, удрило во пешакот А.К.(29) од Тетово. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во Клиничка болница Тетово. По наредба на јавен обвинител, извршен е увид од увидна екипа на СВР Тетово.
На 28.04.2026 во 09:40 часот во СВР Охрид е пријавено дека во Специјалната болница „Св.Еразмо“ во Охрид со тешки телесни повреди на ногата бил донесен П.С.(36) од с.Мороишта, струшко. Според пријавеното, тој се здобил со повредата при извршување работни задачи за градежна фирма од Струга на автопатот во изградба Охрид-Кичево, односно при утовар-истовар на бетонски цевки паднала една цевка и го повредила. Увид на местото извршиле екипа од СВР Охрид и трудов инспектор.
На 28.04.2026 во 17:20 часот во СВР Скопје е пријавено дека во Спортскиот центар „Јане Сандански", каде се одржувал финалниот натпревар од Светското училишно првенство во ракомет помеѓу Р.С.Македонија и Израел, А.К.(28) истакнал знаме на Палестина. Лицето е приведено во полициска станица за сторен прекршок по член 3 од Законот за спречување на насилство и недостојно однесување на спортски натпревари и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
На 28.04.2026 во 14:30 часот во СВР Тетово е пријавено дека на локалниот пат Шипковица-Бозовце, тетовско, А.В.(20) од Тетово, управувајќи четирицикл со тетовски регистарски ознаки, изгубил контрола и излетал од патот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот, додека со телесни повреди неговиот сопатник А.А.(18) од с.Ларце, тетовско, констатирани во Ургентен центар Тетово. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Тетово.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ј.М.(48) од гостиварско поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста’’. На 07.02.2026 по претходна расправија, пријавениот упатил закани кон неговата сопруга, со која се во бракоразводна постапка.
СВР Куманово поднесе кривична пријава против А.М. од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори’’. Пријавениот набавил хероин, а на 20.05.2025 го продал на друго лице, а кој бил пронајден и одземен.
На 28.04.2026 во 18:10 часот во СВР Скопје е пријавено дека на бул.„Партизански Одреди“ во Скопје, автобус „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на приватен превозник, управуван од Б.А.(61) од с.Грчец, скопско, а кој сообраќал на градска линија број 12, удрил во 81-годишната Р.С. од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила Р.С., констатирани во Градска општа болница „8 Септември“ Скопје. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.
На 28.04.2026 во 12:20 часот во ОВР Виница е пријавено дека при извршување работни задачи во фабрика во Виница, од висина паднал В.М.(42) од Виница и се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Општа болница Кочани, а потоа бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. За настанот е запознаен јавен обвинител, а увид на местото извршила увидна екипа од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Виница и од ОВР Кочани.
На 28.04.2026 во 09:20 часот во Гостивар, полициски инспектори од ОВР Гостивар, во присуство на социјален работник, лишиле од слобода 15-годишен малолетник, постапувајќи по претходна пријава дека полово ја вознемирувал и извршил полови дејствија над неговата малолетна сестра. Во службен разговор во присуство на претставници од Меѓуопштински центар за социјални работи Гостивар, малолетничката појаснила дека вознемирувањето започнало пред околу една година преку пораки со непристојна содржина, а подоцна продолжило со физички допири и обиди за присилување на сексуални односи. Според исказот, пред три месеци, малолетникот со употреба на физичка сила извршил полово дејствие врз неа. Малолетничката е предадена на грижа на Центарот за социјални работи Гостивар за понатамошна заштита и постапување. Во координација со јавен обвинител се преземени мерки за целосно расчистување и документирање на случајот и малолетникот е изведен пред судија на претходна постапка, кој му определил мерка притвор од 30 дена, по што е спроведен во Казнено-поправната установа Затвор Скопје за издржување на мерката.
На 28.04.2026 во 13:34 часот во СВР Куманово е пријавено дека во каменолом на ул.„Народна револуција“ со тешки телесни повреди се здобил В.П.(57) од Куманово. Според пријавеното, тој се здобил со повредите при извршување на работни задачи во каменоломот, констатирани во болницата во Куманово. Увид извршила екипа од СВР Куманово и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 28.04.2026 во 12:25 часот во СВР Скопје, К.Б.(70) од Скопје пријави дека во влез од зграда на подрачјето на општина Аеродром, едно лице со физичка сила ѝ го одзело паричникот со пари, документи, мобилен телефон и други предмети. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Во СВР Скопје е пријавено дека на 26.04.2026 околу 03:30 часот пред казино на подрачјето на општина Аеродром, Г.А.(33) од Скопје, кој работел како обезбедување во објектот, бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 28.04.2026 во 14:15 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Гази Баба, по претходно недоразбирање во сообраќајот, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Ѓ.П.(42) и Р.А.(52), двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 28.04.2026 во 20:20 часот, полициски службеници од СВР Скопје приведоа две малолетни лица на возраст од 16 и 17 години од с.Глумово,скопско, постапувајќи по претходна пријава во 19:40 часот дека во с.Глумово, 16-годишник бил прободен со остар предмет. За настанот е известен јавен обвинител за малолетници и се работи на целосно расчистување на случајот.
СВР Струмица поднесе кривична пријава против К.Ѓ.(31) и Д.К.(45), двајцата од с.Колешино, струмичко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори’’. На 03.04.2025 на локален пат кон Габровски водопади, полициски службеници забележале патничко возило „фолксваген голф“, од кое пријавените фрлиле ќеса со марихуана, која била пронајдена и одземена.
На 28.04.2026 во 06:00 во близина на с.Црвени Брегови, полициски службеници од ОВР Неготино го лишија од слобода П.Д.(25) од Неготино. При извршена контрола на патничко возило „бмв“ со неготински регистерски ознаки, кое го управувал, биле пронајдени и одземени предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело незаконит лов. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 28.04.2026 околу 11:40 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Гази Баба пред објект бил фрлен молотов коктел. Нема повредени лица и оштетени предмети. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 28.04.2026 во 17:00 часот во СВР Скопје, М.П.(25) од Скопје пријави дека околу 09:00 часот, кога пристигнал со патничко возило пред својот дом на подрачје на Центар, бил пресретнат од две лица, од кои со едното претходно имал недоразбирање во сообраќајот. Според пријавеното, тој се обидел стартувајќи го возилото да замине, но бил попречен од лицата, по што едното од нив употребил физичка сила и тврд предмет и го скршил предното стакло од возачката страна, а од скршените парчиња од стаклото М.П. се здобил со повреди. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 28.04.2026 во 22:20 часот во СВР Скопје, А.Н.(18) од Скопје пријави дека на подрачјето на Бит Пазар бил нападнат со нож од М.Т., при што се здобил со повреди и бил пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош. Се работи на целосно расчистување на случајот.